Шри Ланка се соочува со најголемата еколошка катастрофа во нејзината историја откако товарен брод кој пренесувал микропластика се запалил на брегот при што хемикалиите се излиле на недопрените плажи и го уништиле морскиот свет, пренесува Гардијан.

Морнарицата на Шри Ланка и крајбрежната стража на Индија повеќе од 10 дена се обидуваат да ги намалат пламените јазици од пожарот кој избувна на бродот на 20 мај и оттогаш непрестајно гори.

Екипажот од 25 лица беше евакуиран, но операцијата за гаснење пожар се закомплицира поради монсунските ветрови и силно запаливиот и отровен товар. Бродот превезувал 25 тони азотна киселина, натриум хидроксид и други опасни хемикалии, како и 28 контејнери суровини потребни во производството на пластични кеси. Во резервоарите имало и повеќе од 300 тони гориво.

Иако официјалните лица соопштија дека пожарот е ставен под контрола, експлозии продолжија да се слушаат, а од пловниот објект, кој е закотвен на девет милји од главниот град Коломбо, за време на викендот можеше да се видат густ чад и пламени.

Се стравува дека излевањето на хемикалиите веќе предизвикало неизречлива штета на крајбрежјето на Шри Ланка, вклучувајќи ги и популарните туристички одморалишта Негомбо и Калутара, каде плажите се густо обложени во микропластика и видлива е нафтената дамка во океанот.

Пластичните пелети што се користат за производство на пластични кеси можат да бидат фатални за морскиот живот и морски желки.

Повеќе на theguardian.com