Во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, утре, 19 мај (12 ч.), ќе се одржи настанот „Лирскиот дом на Шопов – отворени образовни и културни ресурси“.

Со овој настан ќе бидат одбележани два јубилеа – 70 години од објавувањето на стихозбирката „Стихови за маката и радоста“ и 40 години од смртта на поетот Ацо Шопов, со што ќе започне литературната манифестација „Денови на македонската литература“ во организација на Катедрата. Акцентот на настанот ќе биде ставен на повеќејазичната веб-платформа „Лирскиот дом на Ацо Шопов“ – отворен, интернетски ресурс преку којшто е достапен голем дел од творештвото на Шопов, голем фонд на документи и податоци, како и критички одгласи за неговата поезија и голем обем на видеоматеријали и фотодокументација.

Целта e поголема достапност на платформата за книжевните истражувачи, лингвистите и за преведувачите, како и за студентите и воопшто за македонската академска заедница во целина. Шопов е еден од основоположниците на современата македонска поезија, автор е на првата поетска книга на македонски јазик во слободна Македонија („Песни“, 1944), но и автор којшто се вбројува во редот на најеминентните поети во Југоисточна Европа во XX век. Настанот ќе се одржи преку платформата Зум и ќе може да го проследат преку следнава врска: https://us02web.zoom.us/j/82945121947?pwd=KLix_zDIj3fuTTskA-tNgxZ4sE4ids.1