На Свечена академија во Велес врачени награди и признанија „9 Ноември”

68

На Свечена академија на сцената на театарот „Јордан Х К – Џинот” синоќа во Велес беа врачени наградите и признанијата 9 Ноември на Општина Велес,а со што беа одбележани 75 години слободен Велес и Денот на Општината. Највисоката деветтоноемвриската награда за животно дело „Гемиџии” му беше врачена на Трајче Ковачев спортската легенда на Велес, а наградата за најстудент „Проф д-р Ѓорѓи Шоптрајанов” на Марија Иливска. Меѓу добитниците на деветтоноемвриските награди и признанија е и Антоанела Димитриевска дописник на МИА од Велес и Велешко, заради нејзината 30-годишна афирмација на Велес во земјава и светот.

Во своето обраќање до присутните на Свечената академија се обрати градоначалникот на Велес Аце Коцевски кој потсети за големиот придонес на боците од НОВ кои ги положија своите животи на браникот на татковината, а коските на 80 борци од Велес и Велешко лежат во Спомен костурницата од НОВ што се издига високо над градот.

-За сегашните и идни генерации на Велес, не е само задача туку и најголема човечка обврска достојно да го чуваме споменот на храброста на загинатите во војната што ја донесоа слободата. Како локална власт ги вложивме сите сили за долгорочни задачи и цели Велес да стане првата општина со европски стратегии за одржлив европски развој. Имаме долгорочно решение за собраќајните и урбанистички проблеми на градот решение од врвни европски експерт. Апелирам сите заедно да придонесеме во развојот на нашиот град, порача Коцевски.

Спомен плакета „9 Ноември” добија мр Владо Мукоски и Момчило Трајковски конзерватори советници кои работат на фреските во манастирот „Св. Димитрија” кај Велес, Веселинка Маџарова Андова музички педагог, КУД „Коле Неделковски”, Цветанка Пајдакова кореограф и основач на балетското студио „Анабела”, Фудбалскиот клуб „Борец 1919″ „Пескара Вел” и компанијата „Павор”.

Благодарница „9 Ноември” добија ЗГ „Носачи на крстот” и ЗГ „Акцијаш-ветерани”.
Пофалница „9 Ноември” за 2019 добија Антоанела Димитриевска новинар дописник на МИА од Велес, Љубица Јанева –филантроп и менаџер за човечки ресурси во компанијата Ронтис, Ангела Арсова млад научник во областа на неурофармакологијата,Здружението на слепи лица од Велес, Сузана Палитова – наставник и кајакарите Ангел Петрушев и Александар Златаров.

Во чест на добитниците на наградите и признанијата на свеченоста свој настап имаше Женскиот камерен хор „Св Злата Мегленска ” под диргенската палка на Летка Димовска Полизова.

На Свечената академија настапија и Градскиот камерен оркестар, детскиот хор „Св Кирил и Метидиј” и м-р Светлана Ташева и м-р Илија Настовски на пијано со изведба на „Соната” од Моцарт.