На локалитетот Самуиловата тврдина во Охрид завршија археолошките истражувања за 2022 година. Како што информираат од НУ Завод и Музеј Охрид локалитетот Самуилова тврдина веќе неколку години е истражуван во континуитет.

“Со последните истражувања имаме сознанија за хронолошката комплексност на локалитет, а секако и показателите од движен и недвижен карактер укажуваат на развојот на културните хоризонти и неговите етапи. Во контекст на ова истражени беа околу 150 метри квадратни, при што беше откриена архитектура која е дел од поголем комплекс на градби кои припаѓале на доцниот османлиски период, како и фрагменти од керамички садови; делови од глеѓосани зргафито чинии, луксузни лулиња, монети и други предмети кои го бележат секојдневниот живот на населението кое живеело на овие простори во периодот од доцната антика па се до доцниот османлискиот период. За прв пат беше извршено и фотограметриско снимање на северната и јужната половина од Цитаделата“, велат од Заводот и Музеј Охрид.

Финансиските средства за реализација на овој проект, како што велат оттаму  биле обезбедени со програмата за финансирање од буџетот на Република С. Македонија и тоа за  “Доистражување на просторот од Самуилова Тврдина – Цитадела, изработка на конзерваторски проект и непосредна заштита – конзервација на објекти со цел ревитализација на целиот простор, заради целосна презентација и самоодржување“.

Раководител на проектот е археолог Анатоли Арнаудовски.