Винисиус Жуниор, крилниот напаѓач на Реал (М) ја доби најбогатата понуда во фудбалската историја, ова го пишуваат сите релевантни шпански и бразилски медиуми.
Инсајдерот Марио Кортегана откри дека делегација на Државниот инвестициски фонд на Саудиска Арабија, во име на тамошното Министерство за спорт, контактирала со агентите на Вини со желба фудбалерот да стане заштитно лице на саудиската лига. Тоа го посакуваат бескрајно богатите Саудијци за да го подигнат имиџот на земјата и нејзиниот фудбал пред Светското првенство во 2034 година, кое ќе се организира во таа земја.
„Глобо“, бразилскиот медиумски гигант, ги откри деталите за неморалната понуда. На Винисиус му беше понуден петгодишен договор, според кој ќе заработи една милијарда евра, 13 пати повеќе отколку во Реал (М). На социјалните мрежи се шири вирален твит во кој пишува дека доколку Винисиус ја прифати понудата би заработувал 23 илјади евра во една минута, 549 илјади евра дневно и 3,8 милиони евра неделно.
Освен што би бил феноменално платен доколку игра во саудиската лига, за споменатиот хонорар би се однесувал и како заштитно лице на Мундијалот во 2034. Но тоа не е сè со што Саудијците го намавуваат Вини. Медиумите посочуваат дека тој би бил слободен играч во 2029 година и на тој начин би можел да се врати во Европа без обештетување. Како дел од понудата, тој сам ќе може да избере работа во саудискиот фудбал откако ќе се повлече од играњето.
„Марка“ напиша дека Реал и Винисиус го „отфрлиле најголемиот трансфер во историјата на спортот“, но „Ас“, друг спортски медиум од Мадрид, го тврди спротивното: „Претседателот Флорентино Перез одби да преговара за трансферот на Винисиус, но ги пренасочи Саудијците на извршниот претседател Хозе Анџело Санчез кој одговори дека за да го доведат Винисиус, ќе треба да ја платат ослободителната клаузула, која изнесува една милијарда евра.