На работа во Германија можете да си ја земете и жената само ако разбира германски

Лицето кое оди да работи во Германија и сака со себе веднаш или подоцна да го земе и семејството, треба да има обезбедено егзистенција и доволно простор за живеење за сите членови, за да не бара никаква помош од германската држава. Со новиот закон има работа и за постари од 45 години, но нивниот месечен бруто-приход не смее да биде помал од 3.795 евра

2089

Македонските граѓани кои ќе успеат да се вработат во Германија со новиот закон за доселување на стручна работна сила, кој се применува од почетокот на овој месец, со себе ќе може да го донесат и своето потесно семејство, односно брачниот другар и малолетните деца.

Но, законот содржи строги правила за реализација на оваа можност, без разлика на тоа дали семејството ќе се спои во самиот старт, кога се заминува на работа во Германија или подоцна.

Барањето за виза може истовремено да се поднесе за сите членови на семејството, но тоа ќе биде одобрено само ако во Германија, без никаква поддршка од државата е обезбедена егзистенцијата и доволно голем простор за живеење на сите членови.

Во правилата што ги објави Германската амбасада во Скопје се наведува и дека начелно, за да добие виза брачниот другар или другарка на лицето кое заминува на работа во најразвиената европска земја треба да има познавање на германскиот јазик и со барањето за виза да приложи и јазичен сертификат за најниското ниво, т.е. А1. Од ова правило исклучок се прави само тогаш кога стручното лице кое со себе го носи и семејството ги исполнува условите за Сина карта ЕУ.

Спојувањето на семејството може да се реализира и подоцна. Во тој случај за виза мора да се приложат и докази за дејноста на стручното лице во Германија, за обезбедена егзистенција и простор за живеење и за познавањата на германскиот јазик. Децата со наполнети 16 години, кои подоцна ќе им се придружат на родителите во Германија, мора да го совладаат германскиот јазик.

Со новиот Закон кој го олеснува вработувањето на странци во Германија се овозможува вработување и на лица постари од 45 години. Но, за нив критериумите се заострени.

– Од 1 март 2020 година ќе се воведе минимален личен приход за вработените над 45 години.  За да добијат одобрение од Сојузната агенција за вработување, тие треба да докажат бруто месечен личен приход од најмалку 3.795 евра. Ова важи за сите вработувања, независно од видот на планираното вработување, т.е. како за стручна работна сила според законот за доселување на стручна работна сила, така и за работна виза за државјаните на земјите од Западен Балкан, согласно член 26 (2) од Регулативата за вработување на Сојузна Република Германија, појаснуваат од Германската амбасада во Скопје.

Инаку, од 1 овој месец Германија ги отвори вратите за вработување стручни лица не само од земјите од Западен Балкан, туку од целиот свет. Тоа значи дека македонските граѓани кои долго време го чекаа овој момент, при вработувањето во Германија ќе имаат голема конкуренција, особено од земјите од регионот кои се членки на ЕУ, зашто, според правилата тие се еден чекор понапред зашто од нив не се бараат визи и дозволи за престој.

Како што деновиве во видео порака појасни германскиот амбасадор во нашата држава Томас Герберих под стручни лица освен оние со факултетски дипломи се подразбираат и квалификуваните работници со средно образование. За да се добие виза по забрзана постапка, прво надлежните германски служби треба да ја признаат квалификацијата да се обезбедени конкретна понуда за работно место од германски работодавач. Амбасадорот потенцира и дека Законот за доселување на стручни лица не е закон специјално составен за земјите од Западен Балкан, туку важи ширум светот и тој закон не ја заменува досегашната регулатива за Западен Балкан, која и понатаму ќе продолжи да постои.

(С.В.)