На „Про-За Балкан“ трибина за литературата, стравот и политиката: Нема општа слобода ако нема внатрешна слобода

89

„Стравот нè парализира и нè разболува и ние ја губиме слободата, личната слобода. Нема општа слобода ако нема внатрешна слобода. Има една изрека ‘Животот во страв е половина живот’, а јас би рекла дека животот во страв и не е живот, туку само поминување на тој неопходен пат за секој човек додека да стигне до крајот“, рече македонската писателка Јагода Михајловска-Георгиева на трибината што на тема „Литература, страв, политика“ се одржа во рамки на фестивалот „Про-За Балкан“

„Писателите, уметниците, интелектуалците треба да размислуваат политички, а не политикантски. Тоа е многу различно. Кога велам да се мисли политички, мислам дека треба да се размислува на начин со кој се почитува и цени другиот, кој не ја наметнува својата волја. Ние, за жал, на нашите простори никогаш не сме имале, а ни сега немаме таков вид политичко размислување, туку полунасилнички политиканства кои нè држат во една полуколонијална состојба“, рече српскиот писател Светислав Басара на трибината што на тема „Литература, страв, политика“ се одржа во ЕУ-инфо центарот во Скопје, во рамки на фестивалот „Про-За Балкан“.

Трибината ја отвори директорот на фестивалот Дејан Трајкоски, модератор беше писателот Владимир Јанковски, а на неа зедоа учество гостите на „Про-За Балкан“ – писатели, литературни агенти и уредници кои се дел од програмата „Скопје фелоушип“.

Турскиот писател Тарик Туфан посочи дека литературата не треба да има страв од политиката, но сепак не е толку едноставно. „Најголемиот проблем на уметникот е да ја создаде својата независност, но за да се стекне независност, треба да бидеме верни прво кон својата вистина. Човек кој ѝ е верен на својата вистина со текот на времето ќе стане моќен и самостоен. Второто е верност кон својата уметност“, додаде тој.

За писателот Теофил Панчиќ од Србија, пак, и писателите можат да бидат тие што произведуваат страв, а не само да го трпат, и со нивните идеи под превезот на нешто важно, величествено, поетско, праведно и историски оправдано да го легитимизираат злосторството. „На луѓето треба да им дадете идеологија, причина, емоција, идентитетска натприказна која ќе го оправда тоа да земат пушка и да убиваат невини луѓе. За тоа да е можно, некој треба да го произведе, а писателите се тие професионалци за произведување на ваков вид идентитетска идеологија. Тоа е она што го имавме во 80-тите години во Југославија како подготовка, а во 90-те години како реализација на тој голем т.н. етнички инженеринг“, рече Панчиќ.

Независниот писател Ивица Пртењача од Хрватска смета дека писателите можат да се најдат во ситуација да бидат „искористени“ за некаков проект. „Проектот може да е мир, се разбира, но може да биде и војна. За писателот е најважно да не е дел од ниедна од овие крајности, туку едноставно да биде индивидуалец, да е проект за себе и да се снаоѓа во тоа општество на начин на кој може да опстане и да пронајде некој егзистенцијален минимум да не загрозува никого околу себе. Тоа звучи и алтруистично и наивно, но ми се чини дека само така е можно“, додаде тој.

Годинашниот лауреат на фестивалската награда „Прозарт“, бугарскиот писател Алек Попов на трибината посочи дека кога избира да пишува на некоја тема, не се раководи од политиката, туку од други работи. „Хуморот и сатирата одат едни со други. Неодамна на едно прашање како може да има сатира без да се навреди некој, јас реков дека може. Нема такво нешто како хумор кој на некаков начин не е на сметка на нешто друго. Кога човекот пишува, на тој начин сака да изнуди некаква реакција, а за мене е важно да не се плашам. Ако нема страв, нема ни храброст“, објасни Попов.

И за македонската писателка Јагода Михајловска-Георгиева нема ништо пострашно од стравот.

„Стравот нè парализира и нè разболува и ние ја губиме слободата, личната слобода. Нема општа слобода ако нема внатрешна слобода. Има една изрека ‘Животот во страв е половина живот’, а јас би рекла дека животот во страв и не е живот, туку само поминување на тој неопходен пат за секој човек додека да стигне до крајот“, рече таа.

Трибината ја заокружија домашните писатели Александар Прокопиев, уметнички директор на „Про-За Балкан“, и Ермис Лафазановски, претседател на Одборот за доделување на наградата „Прозарт“ на која стана збор и за перцепцијата на издавачите кога застапуваат еден автор дали се раководат колку тие експлицитно пишуваат за политичките случувања или од други критериуми кои не треба да имаат политичка и идеолошка рамка.

„Она што можам да го кажам како агент е дека претставувам автори кои беа уапсени и затворани. Како агент треба да ги заштитам писателите што ги застапувам, да им помогнам да ја зачуваат слободата на изразување и едноставно да им се даде слобода да го пишуваат она што го мислат. Дури и тоа да не е пријатно за некој режим, тие треба да го прават“, објасни литературниот агент Пјер Астие.

Срамно е да се занимаваме со уметност заради минливи вредности

Во рамки на фестивалот се одржа и средбата со писателот, актер и сценарист Ерџан Кесал и писателот Тарик Туфан, двајцата од Турција.

„И кинематогафијата и литературата се раѓаат поради нашата конфузност. Најзначајното е во целата таа збунетост да ја пронајдете вистината и да бидете искрен и фер кон публиката. Не е најважно да бидеме познати, богати, гледани, омилени. Би било многу неправедно и срамно ако се занимаваме со уметност поради овие минливи вредности“, рече Кесал на средбата.