На просторот кај „Алумина“ никнува нов „Холидеј ин“

685

Според 3Д-презентацијата објавена на веб-страницата на Општина Карпош, тука е предвидено да се градат осум згради. Од нив, шест се со висина од 9 до 14 ката, а две имаат од 25 до 35 ката. Од граѓанската иницијатива „Независни за Карпош“ коментираат дека идеите на граѓаните не се вклучени во ова решение, ниту, пак, е разбрана суштината на хуманото живеење

 

На просторот на поранешната фабрика „Алумина“ никнува нов „Холидеј ин“. Според 3Д- презентацијата објавена на веб-страницата на Општина Карпош, тука е предвидено да се градат осум згради. Од нив, шест се со висина од 9 до 14 ката, а две имаат од 25 до 35 ката.

На презентацијата, зградите се претставени со зеленило на терасите, има изведено улици, мини паркови меѓу зградите, но нема ниту еден објект како градинка или училиште.

Во моментов тече јавната анкета по Деталниот урбанистички план 306 блок 11, кој го опфаќа само делот на поранешната фабрика „Алумина“, додека предвидено е јавната презентација да се одржи на 12 декември во 13 часот, во просториите на Општина Карпош.    

Од „Борба за Влае“ велат дека нема кој да се пожали за овој предлог ДУП, бидејќи, како што потенцираат, Општина Карпош не ги зема предвид коментарите, односно анкетните листови од околните жители, туку само на оние што имаат имотен лист или сопственост на плацот на „Алумина“.

Од граѓанската иницијатива „Независни за Карпош“ коментираат дека идеите на граѓаните не се вклучени во ова решение, ниту, пак, е разбрана суштината на хуманото живеење.

(А.П.)