На повеќе локации ќе се игра пинг-понг, шах и табла на отворено

76

По една година откако беше објавен јавен повик за изработка на основен проект, ќе се реализира проектот на градските власти за поставување на маси за пинг-понг, шах и табла на отворено, на повеќе локации во градот, а скопјани конечно ќе имаат можност да се разонодуваат и забавуваат играјќи.

– Град Скопје работи на реализација на проектот за поставување на пинг-понг маси на отворено (бетон, алуминиум и инокс), маси за шах на отворено и маси за играње табла на отворено. Реализирањето на проектот, започна минатата година кога беа спроведени јавни набавки и беше изработен основен проект, а сега е распишан јавен повик за изведба и нивно поставување – нагласија градските власти.

Според нив, целта на проектот е на повеќе локации на јавни површини да се постават вакви реквизити кои би биле користени од страна на граѓаните.

– Согласно насоките од јавниот повик, планирано е да се обезбедат осум маси за пинг-понг (четири вградени и исто толку монтажни), шест маси за шах (три единечни и три двојни), шест маси за табла (три единечни и три двојни), потоа десет вградени клупи, како и изработка на пет елаборати за поставување на урбана опрема – објаснија од Градот.

Оттаму не прецизираа на кои се локации ќе бидат поставени таблите, туку појаснија дека тоа ќе се утврди дополнително во зависност од потребите и барањата на граѓаните.

Проценетата вредност за реализација на проектот е 2.524.470 денари без ДДВ. Од Градот велат дека финалната цена на проектот ќе се утврди по завршување на сите постапки, а потенцијалниот изведувач би бил должен да ги заврши градежните работи во рок од 60 дена од денот на доставувањето на налог за работа.

Инаку, минатата година во март беше распишан оглас за изработка на основен проект за поставување на првите реквизити на отворено, а тогаш градските власти најавија дека според планот првата пинг-понг маса, шах и табла за играње ќе се постави во Аеродром на булеварот „Јане Сандански“ (кај Палма).

(А.П.)