Во рамките на програмата на „Охридско лето“, утревечер (16 август), од 21:00 часот, во црквата „Света Софија“ ќе се одржи Француска вечер, со концерт на пијанистката Софија Вајан.
Софија Вајан е пијанистка со богато минато и носителка на награди и признанија од неколку меѓународни натпревари. Репертоарот на оваа пијанистка е широк и содржи дела од барокниот период, па сè до дела на современи композитори (со особен акцент на новата француска композиторска школа). Фасцинирана од танго- музиката, таа долго настапува со оркестарот на Хуан Седрон, но и во други групи што ја изведуваат оваа музика. Во 2013 година, ги започнува докторските студии на Универзитетот „Сен Дени“ во Париз, со тема посветена на музичката интерпретација на делата за пијано и електроника. Настапува како солист и камерен музичар во „Концертгебау“ во Амстердам, во Париз, Украина, Италија, Германија, Унгарија, Венецуела и во САД. Таа е и уметнички раководител на фестивал во Северна Франција, претседател е на организацијата „Жени во музиката“ и предава на Конзерваториумот „Фредерик Шопен“ во Париз.