На Ортопедија првпат отстранет тумор на десна подлактица и заменет со коска од починат донор

45

Министерството за здравство соопшти дека на Клиниката за ортопедија при ТОАРИЛУЦ беше оперирано 17 – годишно момче со тумор на десната подлактица. Тимот хирурзи под раководство на проф д-р Милан Самарџиски го отстрани во целост туморот од долниот крај на радиусот и го замени со коска од починат донор.

Ова е прва операција од ваков тип на Клиниката за ортопедија и во земјава.

-Со вклучување на Клиниката за ортопедски болести во програмата за трансплантација на органи и ткива, се отворија нови можности за третман на пациенти со трауматски повреди, тумори и други дијагнози кои овозможуваат преку оперативен третман заболеното и оштетено коскено ткиво да се замени со ткиво од починат донор и со тоа да се спаси животот на голем број пациенти, стои во соопштението.