На неспроведен попис ќе му се оспоруваат резултатите

 Ако власта го донесе предложениот закон за попис, партијата ќе се мобилизира заедно со граѓаните и ќе почне да собира потписи за донесување на предлог-закон со кој би се поништил новодонесениот. „Ако и покрај тоа и овој предлог закон владејачкото мнозинство одлучи да го игнорира и да ја игнорира волјата на илјадници, десетици и стотици илјади македонски граѓани, тогаш ВМРО-ДПМНЕ јасно кажува дека резултатите нема намера да ги признае и идните раководители на институции, кои ќе бидат избрани како предлог на ВМРО-ДПМНЕ, резултатите нема да ги почитуваат“, рече опозицискиот лидер Христијан Мицкоски

79

Доколку законот не се повлече, а законското решение што моментално е во собраниска процедура остане исто, опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае резултатите од пописот, најави лидерот на партијата, Христијан Мицкоски. Со актуелното законско решение, цени Мицкоски, се подготвува политичка, а не статистичка операција.

Ако власта го донесе предложениот закон за попис, партијата ќе се мобилизира заедно со граѓаните и ќе почне да собира потписи за донесување на предлог-закон со кој би се поништил новодонесениот.

Доколку и тогаш законот не биде повлечен и пописот се одржи согласно неговите решенија, ВМРО-ДПМНЕ, најави опозицискиот лидер, нема да ги признае резултатите.

„Ако и покрај тоа и овој предлог закон владејачкото мнозинство одлучи да го игнорира и да ја игнорира волјата на илјадници, десетици и стотици илјади македонски граѓани, тогаш ВМРО-ДПМНЕ јасно кажува дека резултатите нема намера да ги признае и идните раководители на институции, кои ќе бидат избрани како предлог на ВМРО-ДПМНЕ, резултатите нема да ги почитуваат“, рече Мицкоски.

Опозицијата останува на ставот дека за претстојниот попис потребни се терминали за отпечаток од прст. Небулоза е, вели Мицкоски, дека со терминалите за отчитување на отпечаток со прст дополнително ќе се потрошат пари, бидејќи согласно измените во Изборниот законик предвидено е на следните локални избори граѓаните своето гласачко право да го изразат со користењето на вакви терминали.

– Истите тие терминали можат да бидат искористени и за оваа статистичка операција, рече Мицковски.

Владата останува на ставот дека пописот треба да се спроведе напролет. Законот за попис е со европско знаменце и се разгледува по скратена постапка.

Пред почетокот на седницата, партиски извори брифираа дека на гласањето најверојатно ќе биде обезбедено потребното мнозинство од 62 пратеници. Поддршка за законското решение пред седницата најавија и од Алијансата за Албанците и од Алтернатива, и покрај тоа што албанската опозиција претходно имаше забелешки за предлог текстот.