Крадците во последно време земаа сè поголем замав, а овој пат таква ситуација имало во домот на Џавали Мекги, кошаркарот на Лос Анџелес Лејекрс. Нему од станот му украле два сефа во кои имал пари и накит во вредност од 200.000 долари, како и еден од неговите два прстена добиени по освојувањето на титулата во НБА лигата.

Овој немил настан се случил во текот на викендот, а како што јавува добро информативниот портал „ТМЗ Спорт“, Мекги кражбата ја открил во вторникот.

Мекгри освои две титули со тимот на Голден стејт, во 2017 и 2018 година, но засега не знае кој од двата прстена е украден. Снимките од безбедносните камери се предадени во полиција и се очекува наскоро крадците да бидат пронајдени.

Мекги во поголемиот дел од кариерата беше познат по комичните моменти како на кошаркарските терени, така и надвор од нив. Беше омилена мета во емисијата на Шекил О‘Нил во кој секоја недела беа емитувани најсмешните ситуации од НБА натпреварите, сè додека мајка му на Џавали не ѝ се јавила на мајка му на Шек, за да престане да го става нејзиниот син во комичните видеа.