На “Макфест 2019“ се враќаат и Росана Тодоровска, Биба Додева, Александар Ристовски-Принц…..

106

Раководството на фестивалот на забавна музика „Макфест 2019“ на прес-конференцијата ги соопшти изведувачите и тимовите, кои ќе настапат на трите фестивалски вечери, на 10, 11 и 12 октомври.
– Годинава, фестивалот се совпаѓа со празникот 11 октомври, што ќе биде дополнителен придонес во одбележувањето на денот на македонската револуција. Иако е лето, време на одмори, подготовките си течат, со цел во октомври да имаме уште едне успешен фестивал, рече Драган Ристов, од прес-центарот на Макфест.
Според уметничкиот директор, Владимир Дојчиновски-Дојчин, познати се учесниците на фестивалот и во тек е финализирање на композициите:

– Благодарност до општината и градоначалникот кои по втор пат ми го доверија Макфест. Годинава ни се враќаат дел од ланските дебитанти, но и дел од победничките имиња, како што се Мина Блажев и Наташа Малинкова. Но особено сум среќен затоа што на фестивалот се враќаат и поранешни победници и реномирани имиња од македонската естрада. Годинава на фестивалот ќе ја имаме и Биба Додева, Росана Сариќ-Тодоровска, Елена Петреска, се враќа и Александар Ристовски-Принц, имаме интересно дуо составено од Александар Митевски и актерот Драган Спасов-Дац, рече Дојчиновски.
Како што појасни тој, на фестивалот ќе настапи Лена и Бојан Моротови, пинковите ѕвезди – Мартија Станојковиќ и Трајче Георгиев, ѕвездите на Гранд – Огнен Здравковски и Мартинијан Кириловски, потоа Игор Узунов, Барбара, Виктор Апостоловски, но и тројца штипски изведувачи.

– Од авторските тимови, можам да кажам дека се застапени речиси сите, што ќе му даде посебен квалитет на фестивалот, додаде Дојчиновски.
Ќе има и парични наградити, а тоа се: 5.000 евра за прво место, 3.000 евра за второ, и 1.000 евра за трето место, додека техничките награди се по 500 евра поединечно, за најдобар аранжман „Драган Ѓаконовски – Шпато”, најдобар дебитант, вокална интерпретација и сценски настап.
Фестивалот финансиски е поддржан од Министерството за култура со еден милион денари, а ќе се оддржи на сцената на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип.