На македонскиот „Охрид фест 2022“ ќе пеат ѕвездите Мирослав Илиќ, Златко Пејаковиќ, Владо Калембер, Ален Исламовиќ….Кон крајот на летото на 2 и 3 септември, музички спектакл!

178

Дуле МИЌИЌ

Меѓународниот музички фестивал „Охрид фест“ после корона пандемијата, ова лето се враќа во полн сјај. Настанот е закажан за 2 и 3 септември, кон крајот на летото, што не значи дека нема да има силна летна топла атмосфера. Нè очекува еден мошне интересен фестивал на кој покрај домашните ѕвезди ќе настапат и оние од поранешната Југославија: Кики Лесендриќ, Владо Калембер, Златко Пејаковиќ (некогашниот пејач на белградската „Корни-група“), Теди Грубица и Јурица Паѓен (од групите „Аеродром“ „Азра“ и „Парни ваљак“), од Босна ќе пее славниот Ален Исламовиќ од „Бијело дугме“, потоа словенечките музичари Божидар Волф, Инес Ербус& Давид Амаро, додека од Бугарија ќе го слушаме дуото „Expose“, од Албанија е Рина Рамадани, од Грција на „Охрид-фест 2022“ настапува познатиот Толис Дамјанос…..како и фолк-ѕвездата Мирослав Илиќ, но тој е во Фолк-вечерта.

29. издание на овој музички фестивал се подготвува наголемо, па со оглед на звучните имиња кои ќе пеат, тоа ќе биде вистинска посластица не само за публиката туку и за новинарите кои редовно го следат фестивалот, а меѓу нив секако и редакцијата на весникот ВЕЧЕР. Новинарите се надеваат дека сè ќе биде професионално организирано од нивното (хотелско) сметување до условите за работа во пресс-центарот. Тие ќе бидат и дел од фестивалското жири кога транспаретно ќе им се доделуваат гласовите на најдобрите интерпретатори и најубавите песни.

На Фолк-вечерта, на 2 септември, покрај домашната фолк-елита, свој концерт ќе има популарниот пејач од Србија – Мирослав Илиќ, познат по голем број незаборавни хитови: „Божанствена жено“, „Није живот једна жена“, „Још те нешто чини изузетном“, „Јесен седамдесет и неке“, „Чаше од кристала“, „Смеј се смеј само се смеј“, „“Поздрави је, поздрави“, „“Луцкаста си ти“…) Втората фестивалска ноќ, на 3 септември, е ексклузивно резервирана за многу атрактивни музички имиња од целиот Балкан. Оваа вечер свој настап заслужено ќе има и светски познатото име од Македонија, Гарабет Тавитјан.

– Бастионот на убавата песна „Охрид фест“, годинава ќе понуди одлична Фолк и Интернационална вечер, каде што на 2 и 3 септември ќе пеат веќе докажани музички имиња. Воедно, јас ги охрабрувам новите музички сили и им давам можност дебитантите да ја започнат музичката кариера токму од Охрид од овој фестивал, како што тоа беше на некој начин и со ангелот Тоше Проески, вели првиот човек на „Охрид фест“, познатиот композитор Григор Копров.
Од атрактивната Фестивалска сцена „Долни Сарај“, овој фестивал директно ќе го пренесува Македонската телевизија, а пренос или одложена снимка ќе има на уште десетина телевизии од Балканот.