Преостануваат уште две крајно возбудливи трки на кои ќе го добиеме новиот шампион во најбрзиот циркус на денешницата – Формула 1. Моментно, пилотот на Ред Бул, Макс Верстапен има осум бода повеќе во однос на актуелниот шампион Луис Хамилтон, но возачот на Мерцедес славеше на последните две трки.

Препоследната трка сезонава ќе се вози во Саудиска Арабија, на патеката во Џеда, каде се очекува жестока пресметка меѓу лидерот во шампионатот и актуелниот шампион.

Во пресрет на Саудиска Арабија и двата тима велат дека патеката во Џеда долга 6.1 километар повеќе му одговара на Мерцедес отколку на Ред Бул.

Конфигурацијата на патеката овозможува брзи кругови со просечна брзина од околу 250 км/ч, а максимална брзина од 322 км/ч.

Мерцедес ја чека новата трка со две последователни победи, со подобри резултати на брзите патеки сезонава.

  • Следната патека е веројатно попогодна за Мерцедес. Но, ќе биде тесно. Возачите ги делат само осум бода, а конструкторите пет, што е фантастично бидејќи влегуваме во завршница на шампионатот, изјави директорот на Ред Бул, Кристијан Хорнер.

Мерцедес стави „свеж“ мотор во болидот на Хамилтон во Бразил, а откако ќе се префрли на постариот модел, во Џеда ќе користи понова единица за да одговара на долгите зони за забрзување на патеката, што е непозната за караванот во Ф1.

  • Уште една непозната патека, а на претходните трки видовме огромни осцилации во перформансите. Ако ја погледнеме патеката во Арабија, мислам дека ќе ни одговара. Треба да подготвиме помоќен мотор за Луис, кој ќе му даде корисни засилувања, изјави директорот на Ф1 тимот на Мерцедес, Ендру Шавлин.

Но, поради тоа што се случуваше во Остин, Мерцедес е внимателен пред Џеда.

  • Патеката веројатно одговара на болидот, но требаше да биде и во Остин. Чувствувавме дека можеме да направиме пристојна поставеност и да победиме во борбата со Ред Бул, но тие имаа мала предност таму. Затоа секогаш сме внимателни мислејќи дека „сè треба да функционира како што ни одговара“, додаде Шавлин.

Големата награда на Саудиска Арабија е на програмата во недела од 18:30 часот.