На концертот во Струга, обожавател не успеа да му залепи на Харис Џиновиќ банкноти на челото – Папарацо: акција – реакција!

61

 Не е скандал, но, можеби, ќе беше доколку балканската музичка ѕвезда Харис Џиновиќ на завчерашниот концерт во Струга, на стадионот „Караорман“, ги земеше парите, и тоа на сцената, од некој свој огнен обожавател. Подучен од богатото естрадно искуство, Џиновиќ, секако, не го направи тоа, туку најпрво му се заблагодари на обожавателот за укажаната чест, па кога не успеа со културни зборови да го врати на местото од коешто дојде, немаше друг избор освен луто да го подбутне од себе.

Притоа велејќи му „дека не е панаѓурски пејач кој зема пари на рака“, а и дека ова е концерт, не некоја тезга. Додека траеше акцијата за лепење пари на челото, најпрво со ставање во џепчето од кошулата, обезбедувањето не истрча на сцената. Пејачот сам се снајде и сам си ја заврши работата, секако непријатна за него.

Немилиот настан се случи додека Харис го пееше својот голем хит „И тебе сам сит кафано“. Обожавателот, очигледно, беше многу погоден од песната, веројатно, некои посебни спомени го врзуваат за неа, па реагираше како што обично реагираат луѓето кога се на свадба. Сепак, ова не беше свадба, туку одличен концерт на Харис, кој веќе подолго време предизвикува голем интерес кај македонската публика. Тој ќе биде и една од главните музички ѕвезди во септември, на популарниот Тиквешки гроздобер 2022. (Д.М.)