На Ковачевски му е сигурна Лукаревска!

Два дена пред конгресот на СДСМ, претседателот на партијата Димитар Ковачевски, денеска сè уште не сакаше да ги открие носителите на листите за парламентарните избори. Тој само потврди дека потпретседателката на партијата и директорка на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, сигурно ќе биде носител во една изборна единица, но дури не кажа ниту во која. Претходно, тој најави дека носители на листи ќе бидат искусни партиски кадри, членови кои и во минатото извршувале високи позиции во партијата, како и високи позиции во државата. Денеска и претседателскиот кандидат на албанската здружена опозиција-ВРЕДИ, Арбен Таравари, ги соопшти нивните носители на изборните листи. Изет Меџити во првата ИЕ, во двојка Африм Гаши, во шестката Биљал Касами. Во петата ИЕ носител ќе биде од Алијанса за Албанците, но тој сè уште не е утврден.

349

Два дена пред конгресот на СДСМ, претседателот на партијата Димитар Ковачевски денеска сè уште не сакаше да ги открие носителите на листите за парламентарните избори. Тој само потврди дека потпретседателката на партијата и директорка на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, сигурно ќе биде носител во една изборна единица, но дури не кажа ниту во која. Коментирајќи ги информациите во јавноста дека Лукаревска е преместена во третата изборна единица, а во втората се враќа Оливер Спасовски, Ковачевски рече дека „никој никаде не е преместен“.

-Никој никаде не е преместен. Сите наши видни членови вршат функции кои имаат државно значење. Лукаревска е заменик-претседател на партијата и директор на УЈП, исклучително чесно и одговорно ја извршуваше својата работа во текот на мандатот и тоа многу јасно се гледа од анкетите и таа сигурно ќе биде носител на листа во една од изборните единици, но во која, тоа ќе оставиме да одлучат раководството на партијата, Централниот и Извршниот одбор, а на крајот, секако, и Конгресот. Состаноците ќе бидат во сабота, прво ќе се одржи состанок на ИО, потоа седница на ЦО, а во попладневните часови ќе почне и Конгресот. Ова е статутарна процедура, не е првпат, туку вака се одвива изборот на кандидати за пратеници и носители на пратенички листи од првите избори. Убеден сум дека делегатите на конгресот ќе ги изберат најдобрите кандидати кои на достоен начин ќе го претставуваат и СДСМ и нашата проевропска коалиција, изјави лидерот на СДСМ.

Ковачевски не сакаше да одговори на прашањето кои се негови предлози и во кого тој, како лидер на партијата, гледа носители, затоа што, како што рече, крајниот збор го имаат даваат органите на партијата, а не само еден човек.

-Ова е прашање кое нема да ви го одговорам зашто и кога се работеше за претседателски кандидат на државата, се држев до етичкиот аспект и до статутарните одредби на СДСМ, бидејќи финалниот збор го даваат органите на партијата, а не само еден човек. Како што беше со претседателскиот кандидат Пендаровски кој едногласно беше утврден со гласање на конгресот, исто ќе биде и за носителите и на кандидатите за пратенички листи, подвлече Ковачевски.

Во врска со анкетата на МРТВ, според која ВМРО-ДПМНЕ има многу поголемо водство на СДСМ, Ковачевски оцени дека се работи за лажни анкети кои се прават од институт близок до ВМРО-ДПМНЕ.

– Тоа што се случува таму наликува точно на она што се случуваше до 2016 година. За тие анкети ќе ви кажам дека на исти луѓе им се јавуваат и на мобилен и на фиксен телефон, и така ги добиваат резултатите. За тоа дека се работи за лажни анкети најдобро потврдува денот на собирањето на потписите за претседателски кандидати, кога ВМРО-ДПМНЕ и таму очекуваше да има петпати повеќе потписи, за на крај ние да собереме над 22.000 потписи. Тие објавија дека собрале повеќе, но на крај, се испостави дека нивниот претседателски кандидат ќе биде кандидиран само со потписи на пратениците што очигледно потврдува дека и тие потписи не биле толку колку што биле објавени или имало некој друг инженеринг околу нивното собирање, рече Ковачевски.

Претходно, тој најави дека носители на листи ќе бидат искусни партиски кадри, членови кои и во минатото извршувале високи позиции во партијата, како и високи позиции во државата. Според неофицијални информации, лидерот Ковачевски ќе биде носител во првата изборна единица, а како коносител ќе ја има претседателката на коалициониот партнер ЛДП, Моника Зајкова, која ја потврди својата позиција. Први во двојката ќе бидат Сања Лукаревска и Фатмир Битиќи, додека во третата изборна единица предводници ќе бидат Љупчо Николовски и Оливер Спасовски, кој се сели од носителската позиција во втората изборна единица. Најверојатно, носител на четвртата изборна единица ќе биде поранешниот министер за здравство, Венко Филипче. За петтата изборна единица се споменуваат Јован Митрески и Бисера Костадиновска-Стојческа, а шестката е најнеизвесна, таму во игра се повеќе имиња, а најмногу се споменуваат Славјанка Петровска и Миле Зечевиќ.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, пак, веќе ги објавија носителите на листи за претстојните парламентарни избори, а останува непознат само уште носителот на листата за петтата изборна единица, за кој иако лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, најави дека ќе биде познат истиот или наредниот ден, и по една недела не е објавен. Како што беше познато, Мицкоски ќе биде носител во првата изборна единица, во втората прв на листата ќе биде потпретседателот на партијата Владо Мисајловски, во третата Драган Ковачки, во четвртата потпретседателот Александар Николоски, додека во шестата изборна единица Дафина Стојановска. За петката, во партиските кулоари се споменува името на генералниот секретар на партијата Ѓорѓија Сајкоски.

Денеска и претседателскиот кандидат на албанската здружена опозиција-ВРЕДИ, Арбен Таравари ги соопшти нивните носители на изборните листи. Изет Меџити во првата ИЕ, во двојка Африм Гаши, во шестката Биљал Касами. Во петата ИЕ  носител ќе биде од Алијанса за Албанците, но тој сè уште не е утврден. (В.С.Н.)