На историскиот локалитет Мечкин Камен: Востаникот ќе го чува нашето славно минато за идните генерации

869

Министерството за култура го прогласи споменикот Мечкин Камен, кој претставува востаник со високо подигната карпа над главата, за значајно културно наследство со заштита од трет степен. Споменикот укажува на последниот очајнички миг во борбата на востаниците од одредот на легендарниот војвода Питу Гули, кои скапо ги дадоа своите животи при одбраната на Крушевската Република. Изработен е во 1983 и е авторско дело на вајарот Димо Тодоровски

 

Споменикот Мечкин Камен, кој претставува востаник со високо подигната карпа над главата, во иднина соодветно ќе се одржува и ќе се зачува инфраструктурно. Имено, со доставување на Елаборат за валоризација на споменикот и предлогот од Општина Крушево, Министерството за култура го прогласи споменикот за значајно културно наследство со заштита од трет степен. Овој споменик, кој укажува на последниот очајнички миг во борбата на востаниците од одредот на легендарниот војвода Питу Гули, кои скапо ги дадоа своите животи при одбраната на Крушевската Република, е изработен 1983 година и е авторско дело на Димо Тодоровски, истакнат македонски вајар и академик од првата генерација вајари, кои го втемелиле современиот скулпторски израз во Македонската ликовна уметност. Поставен е во месноста Мечкин камен која сама по себе претставува епопеја, на скалесто плато на Биринска Планина и на надморска восочина од 1425 метри.

„Валоризацијата на доброто и предлогот се во функција на дефинирање на јавниот интерес за негова заштита, а со тоа и целосно подведување под дејство на прописите за заштита на културното наследство“, стои во Решението за прогласување значајно културно наследство.

Според градоначалникот на општина Крушево, Томе Христоски, досега овој значаен историски локалитет не беше никако регулиран и со тоа не можеше да се одржува за дополнително да се испочитува нашето славно минато илустрирано во споменикот.

„Успеавме да издејствуваме овој локалитет да се регулира и заштити со што Министерството за култура го донесе ова Решение. Овој споменик е изграден во 1983 година, а наша цел е вечно да биде симбол на Крушево“, посочи Христоски.

Со Законот за заштита на културно наследство основната цел е зачувување на културното наследство во изворна состојба, создавање на што поповолни услови за опстанок на културното наследство и за задржување на интегритетот на сите податоци што тоа ги носи во себе како сведоштво, извор или своевиден документ, ширење на сознанијата за вредностите и значењето на културното наследство и за неговата улога во културната идентификација. Една од целите е и оспособување на културното наследство, според неговата намена и

значење, да служи за задоволување на културните, научните, едукативните, естетските, верските, економските, туристичките и другите потреби на граѓаните и на општеството.

Со заштитата, исто така, се преземаат и активности за спречување на дејства, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување, уништување, растурање, исчезнување, деградирање и противправно присвојување на културното наследство. Крајната цел на заштитата, пак, е пренесување на културното наследство на идните генерации.

Општина Крушево изобилува со споменици и музеи кои ја чуваат нашата историја. Така споменикот Илинден е обележје и препознатлив симбол кој се поврзува со Крушево. Од височините над градот доминира со својот споменичен ликовно-естетски комплекс кој започнува со плато на кое се претставени раскинати пранги, продолжува преку криптата која е хронологија на значајните настани и личности од периодот пред, за време и по Илинден, до колоритниот мозаичен амфитеатар, кој е предворје на куполата, чија внатрешност импресионира со погледот на сите четири страни од кои се гледаат Слива, Мечкин Камен и Пелагонија, како и со витражите и релјефите кои го симболизираат стремежот за слобода на македонскиот народ.

Споменикот на Слива е симбол на јунаштвото и саможртвата на македонските востаници при одбраната на Крушевската Република на 12 август 1903 година. Тој е длабоко врежан во душата и свеста на македонскиот човек.

Музејот на НОВ се наоѓа во близина на Платото на споменикот „Илинден“ на месноста Гумење. Отворен е во 1988 и во него се сместени експонати кои сведочат за Народно ослободителната борба од 1941-1945 година. Во музејот доминира фреската „Муралот“ (ѕидна фреска на фронталниот ѕид), на големиот мајстор на боите Борка Лазески, која го отсликува текот на војната.

Музејот на Илинденското востание и Крушевската Република сместен е во страрогратска куќа од 19 век, во која во 1903 е прогласена Крушевската Република. Тука се сместени оригинални експонати од оружје, карти, мапи, фотографии со што хронолошки се изнесени настаните поврзани со илинденската епопеја. Галеријата „Никола Мартиноски” во Крушево (отворена 1968), пак, е најголемата збирка творби во овој град. Таа содржи неколку десетици творби (масла, темпери, цртежи, графики) од неколку периоди во творештвото на уметникот, почнувајќи од 1928 година наваму.