На Денот на Мартин Лутер Кинг: Македонска култура на видеопанели во Њујорк

128

Македонскиот совет на уметности со седиште во Њујорк, утре, (21 јануари), кога се слави американскиот државен празник Ден на Мартин Лутер Кинг, ќе ја промовира македонската култура преку два видео-панели поставени во најстрогиот центар на Њујорк.

Како што информираат од таму, на едниот панел ќе се емитува реклама за нивното најново музичко ЦД “Partings” (Разделби) со единаесет изворни македонски печалбарски песни, преработени во современи аранжмани на англиски јазик, што ја документира имигрантската историја на Македонците кои во раните години на 20 век заминувале на печалба низ целиот свет. На вториот видео панел, пак, ќе биде изложена Мариовска невестинска носија, во комбинација со текстот: Македонија – Очарувачка! Загонетна! Волшебна! – Откријте го Македонското културно богатство!

“Панелите, со височина од 15,30 метри и широчина од 6 метри, се поставени во најстрогиот центар на Тајмс сквер, на раскрсницата од 42 улица и 7 Авенија, простор на кој дневно поминуваат околу половина милион луѓе. На денот кога се слави роденденот на МЛК, цената за рекламирање на видеопанелите е десет пати пониска од редовната, можност која им се дава на непрофитните организации во САД да ја промовираат нивната порака и мисија“, посочуваат од Македонскиот совет на уметности во Њујорк.