На две атински пристаништа ќе се тестираат патници по случаен избор кои доаѓаат од островите

9

На две атински пристаништа, периферијата Атика в недела ќе врши тестирање за Ковид-19 по случаен избор на патниците кои ќе се вратат од островите, додека пак грчкиот премиер најави нови мерки за заштита од коронавирусот, јави дописничката на МИА од Атина.

Мерките, веројатно доаѓаат и поради зголемениот број дневни случаи на Ковид-19 во земјата, но и поради утрешниот празник Пресвета Богородица кога Грците најчесто го користат летниот одмор, заминуваат на викенди и сл.

На редовниот состанок за Ковид-19 во премиерската палата, на кој приуствуваа надлежните министри и епидемиолози, Мицотакис рече дека постојат знаци за раширеноста на вирусот на низа туристички дестинации во земјата и најави дека заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас во текот на денот ќе соопшти нови мерки.

Паралелно, грчкиот премиер испрати посебен апел до младите, да внимаваат, особено кога ќе се вратат од одмор.

– Препораката ќе биде многу строга. Секој што се враќа од некоја туристичка дестинација една седмица да внимава. Што значи да внимава? Да носи маска каде што може и сигурно да држи растојание од најранливите, од старите луѓе со кои можеби живее. Ако живее со луѓе и не може да држи физичко растојание да носи маска и барем една седмица, додека да бидеме апсолутно сигурни дека во урбаните центри не се враќа со вирусот, да ги заштитиме оние за кои сакаме најмногу да се грижиме, рече Мицотакис.