Борбата против смртоносниот коронавирус почнува да покажува резултати, изјави денеска портпаролот на кинеската здравствена комисија, Ми Фенг.
–Може да се види резултатот од контролата на коронавирусот, рече Ми.
Тој додаде дека зајакнатата медицинска поддршка и превентивните мерки во провинцијата Хубеи, која е жариште на епидемијата, спречиле појава на критични случаи и го намалиле процентот на критични случаи меѓу заразените.
Полесните случаи, исто така, побрзо се лекуваат со што се спречува да станат критични, рече Ми.
Надвор од Кина, има околу 500 случаи во околу дваесетина држави и територии, со четири смртни исходи – во Јапонија, Хонг Конг, Филипини и Франција.
Според најновите бројки, во Кина се заразени 68.500 луѓе, а 1.665 починале, повеќето во Хубеи.
Националната здравствена комисија денеска информира за 2.009 нови случаи на зараза, што е намалување од 2.641 претходниот ден и 142 нови смртни случаи, само еден помалку од претходниот ден. Сите, освен четири нови смртни случаи, се во Хубеи.
Најголемото жариште на инфекцијата надвор од Кина е на крузерот „Дајмонд Принцес“ кој е закотвен во пристаништето Јокохама во Јапонија, а денеска се пријавени уште 70 случаи, со што вкупниот број на заразени се искачи на 355 од околу 3.700 патници и членови на екипаж.
Луѓето што се позитивни на вирусот се испраќаат во болница. Никој на бродот не починал од вирусот.
Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Адханом Гебрејесус, вчера изјави дека е невозможно да се каже каде ќе се шири епидемијата.
Болеста, чие официјално име е Ковид-19, убива околу два проценти од заразените. Случаите се шират побрзо од кој било друг респираторен вирус во овој век.