Законот за урбано зеленило не може ефективно да се имплементира бидејќи фалат подзаконските акти – Правилникот за урбано зеленило кој е во подготовка и наскоро ќе го усвои Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП). Токму овој правилник беше претставен на конференцијата „Како да го зазелениме урбанизмот“ од страна на Државниот секретар во (МЖСПП), Ана Петровска која посочи дека новина е што во иднина при проектирање на објектите се дава обврска на инвеститорот пред да се добие градежна дозвола да се докаже дека на ниво на градежна парцела има 20 отсто урбано зеленило.

– Тоа ќе се потврдува со специфична формула со која ќе се докажува дека видот на зеленило што е имплементиран на парцелата навистина ќе ги задоволи потребните микроклиматски услови – објасни Петровска.

Овој правилник има голема важност како дополнување на постојните одредби на Законот за просторно и урбанистичко планирање. Исто така, треба да претставува основа за изработка и на урбанистичките планови, се со цел урбаното зеленило да го заземе потребното место.

– Така на пример, во рамките на изработката на генерален урбанистички план како што вели Законот, а сега потврдува и Правилникот за урбано зеленило, ќе треба да се изработи стратегија за развој на зеленилото. Во градовите каде имаме загадени подрачја, каде немаме доволно проветрувања, каде имаме топлотни острови ќе се обидеме да обезбедиме и да инсталираме ново зеленило, да го прошириме постојното зеленило на простори што се деградирани, опустошени, да ги дерекултивираме последните диви депонии и на тој начин да работиме исто така и кон намалување на климатските промени, на подобрување на целокупната микроклима на градот. Потоа, во рамките на ДУП ќе работиме на основни планови за зеленило каде ќе обезбедиме дека сè она што го кажува стратегијата ќе биде операционализирано – изјави Петровска.

Главната придобивка од Законот за урбано зеленило се дека на ниво на ГУП треба да се проектираат 25м2 зеленило по жител, минимум 20 отсто на градежна парцела зеленило, да се воведе зелениот катастар и заштита на дрвјата, особено капиталните примероци што се со обем поголем од 40 см и над 1,3 метри висина.

(С.Бл.)