Во дел од училиштата во Скопје и низ државата почна школската година. Во училиштата каде што наставниците не се одѕваа на повикот на Синдикатот за образование, наука и култура на предупредувачки штрајк, на првиот ден од стартот на новата учебна година, на таблите во училниците денеска беа испишани зборовите „Добро дојдовте, првачиња“. Во некои училишта каде што се штрајкуваше, исто така им беше посакано добро дојде на првачињата, но други тоа ќе го чекаат утре.
Министерот за образование и наука, Арбер Адеми денеска го посети го посети ОУ „Лазо Ангеловски“ во скопската населба Ново Лисиче и го означи почетокот на учебната 2019/20 година. Тој истакна дека во добар дел од училиштата новата учебна година почна нормално.
– Со СОНК имаме коректен и конструктивен социјален дијалог и ќе го продолжиме. Ќе ги разгледаме сите податоци и аргументи и во партнерски однос со Синдикатот ќе одлучиме како Влада за идното покачување на платите на наставниците – изјави Адеми.
Тој рече дека го почитува синдикалното организирање и одлуките на СОНК, но како министер за образование и директно вклучен во политиките за креирање подобар национален образовен систем обврска му е, како што рече, да ги повикува учениците и наставниците да дојдат на првиот училиштен ден и притоа им посака успех во претстојната учебна година. Министерот нагласи дека во добар дел првиот училиштен ден се одвиваше на нормален начин.
– Нема причина за штрајк зашто Владата е силно ангажирана да го подобри статусот на наставниците и дека од август 2018 до овој септември платите на наставниците се зголемени над 10 отсто со двете покачувања од по пет проценти. Оваа година почнува поинаку, имаме нов закон за основно образование, кој третпат по осамостојувањето на земјата е целосно нов и донесен без ниту еден глас против. Имаме нов Закон за наставници и стручни соработници кои недостигаше во државата. Имаме второ покачување на платите за една година за дополнителни 5 проценти и септемвриската плата споредувајќи со августовската плата во 2018 е покачена за 10,8 проценти. Повеќе пари за 1,3 милијарди денари за основното и средното образование во 2019 споредено со 2017 година. Целосно реформирано средно стручно образование, нови наставни програми по одделни предмети и нови капитални инвестиции во училиштата – истакна Адеми.
На најавите од СОНК дека денешниот предупредувачки штрајк во октомври може да стане генерален ако нема заемно прифатливо решение на нивното барање за плати повисоки до 25 проценти, Адеми одговори дека не очекува дека ќе дојде до тоа зашто, рече, се движат во добра насока.
– Очекувам да не дојде до тоа. Сумите што ги соопштуваме се добар показател како се движиме. Не е малку над 1,3 милијарди денари повеќе за основното и средното образование за две години. Затоа нема причина за организирање штрајк. Тој се организира кога нема решение, ние имаме и нудиме решенија. Се движиме во добар правец, така ќе продолжиме и во следниот период – нагласи Адеми.
Неделков: Немаше притисоци за прекин на штрајкот!
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, ги повика наставниците да не одржуваат настава. Тој истакна дека е задоволен од штрајкот и потенцира дека немало притисоци да го прекинат.
– Во сите региони каде што СОНК има синдикални организации, а буквално има во секоја општина, се почитуваше одлуката на Советот на СОНК и се пристапи кон предупредувачкиот штрајк и јас сум апсолутно задоволен – рече Неделков при посетата на ОУ „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче каде што наставниците од ова училиште дојдоа на работа, но немаа активности.
Неделков нагласи дека не се вршеле притисоци врз наставници за прекин на штрајкот.
– Онаму каде што се прифаќаа ученици и првачиња, тоа се колеги кои не се наши членови и кои не пристапија кон штрајкот – додаде претседателот на СОНК.
Во однос на нивното барање за повисоки плати до 25 отсто, а од друга страна ставот на МОН дека за една година платите им ги покачиле за вкупно 10,8 проценти, Неделков рече дека тоа е клучната пречка на која се сопнуваат.
– Месеци наназад немаме конкретна понуда колку и од кога. Мислам дека во септември веќе картите ќе бидат отворени затоа што песочниот часовник одбројува. До крајот на септември ние мора да изнајдеме заемно прифатливо решение во однос на прашањето за зголемување на платите за во октомври да знаеме што понатаму. Ако најдеме решение, наставата ќе продолжи во најдобар ред, ако не Советот на СОНК на почетокот на октомври ќе расправа за преговорите во септември и ќе донесе соодветна одлука. Каква ќе биде таа, во овој момент не можам да прејудицирам – рече Неделков.
Новата учебна година 2019/20 вчера требаше да почне за 260 илјади средношколци и основци, меѓи кои и за околу 20 илјади првачиња.
Наставниците се за штрајк, но не на ваков начин
Сите седум училишта на територијата на општината Центар, но и новото „Киро Глигоров“ во населбата Капиштец денеска ги примија учениците.
– Најрегуларно почна наставата во сите училиштата, но и во новото „Киро Глигоров“ кое официјално ќе биде пуштено во употреба во среда. Сите деца беа примени од наставниците – информираше градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Ученици од основното училиште „Коле Неделковски“, потврдија дека нормално, како и секој почеток на училишната година, биле примени од наставниците.
– Како и секоја година, бевме примени од наставниците и запознаени за тоа што треба да направиме за непречено одвивање на наставата, а за првачињата беше организирана приредба – велат ученици од ова училиште.
За ова сведочеа и балоните кои беа поставени на влезната врата од училиштето за среќен почеток на учебната година на сите ученици.
Директорката на ова училиште, Светлана Масларевска, вели дека сите ученици што дошле, нормално биле прифатени, а имало и прием на првачиња.
– Треба да се тргне од психолошкиот аспект. Учениците се подготвувале за овој ден, а за првачињата ова е најубавиот момент во животот што ќе го паметат. И тие и нивните родители се подготвувале за овој ден во текот на летото и сега не е во ред да се вратат. А, сите беа весели и среќни што повторно се во училиште и што се гледаат со своите другарчиња. Како да им се одземе тоа – изјави Масларевска.
Наставничка од ова училиште која не сакаше да го открие својот идентитет истакна дека платите навистина се деградирачки, но потенцираше дека може да се изнајде и друг начин и да се дојде до решение, а не со штрајк.
– Морам да признам дека платите навистина се деградирачки. Може на друг начин да се реши тоа, а не со штрајк – кусо изјави таа.
Родител чие дете учи во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“, на територијата на општината Центар, вели дека било примено во училиште.
– Во ред е што наставниците си ги бараат своите права, но не мора да штрајкуваат. Тоа можат да го остварат и на друг начин. Доколку се штрајкува, ни се расипуваат плановите. Треба да бараме некој што ќе ги чува нашите деца – истакна родителот.
Место во училишна клупа, мајките ги фотографираа своите деца на клупа во парк
Во Кавадарци дел од учениците беа примени на првиот училиштен ден, дел вратени поради штрајк на наставниците. Штрајкувачкиот одбор при ООУ „Тошо Велков Пепето” одлучи да се штрајкува. Присутни беа околу половина од 74 првоодделенци со родители. Директорката на ООУ „Гоце Делчев”, Весна Ангеловска прими околу 66 првоодделенци во холот на училиштето, им посака среќен почеток и ги повика на настава. Штрајкувачкиот одбор одлучи да нема настава.
Весна Шошева, директор на ООУ „Димката Ангелов-Габерот” во Кавадарци, рече дека штрајкувачкиот одбор одлучил да се штрајкува, но сепак првоодделенците кои дошле биле примени во холот на училиштето и им било објаснето дека наставата официјално почнува од утре. Овде се запишани 51 ученик во прво одделение. Како што соопшти директорот на ООУ „Димката Ангелов-Габерот” од село Ваташа, Марјанчо Јанкулов денеска 29 првачиња беа свечено со приредба примени во училиште, а другите наставници го поддржуваат штрајкот.
Наместо во училишна клупа, многу мајки вчера кога требаше да започне првиот училиштен ден, ги фотографираа своите деца на клупа во парк.
– Многу се радуваше што ќе оди на училиште. Сега не можам да му објаснам зошто не го примија во училиште. Само му реков, утре пак ќе дојдеме. На интернет прочитавме ќе се примаат децата, сега велат не, а губиме од работа, утре пак ќе губиме – изјави еден родител.
Регионалниот одбор на Синдикатот за образование и наука и култура за Тетово информира дека во сите 30 училишта каде наставниците се членови на синдикатот непречено го одржуваа предупредувачкиот штрајк.
– Нема притисоци, а имаме информации дека и оние кои не се членови на Синдикатот се солидаризираат и не одржуваат настава. Наставниот процес продолжува од утре според редовните програми – изјави претседателката на одборот, Теута Сејфулаи.
Генералниот секретар на тетовскиот одбор, Зоран Грковски, изјави дека мотивацијата е ниска кај наставниците, далеку се од просечната плата во државата.
– Потребна е поголема сигурност, исто така, бидејќи се намалува бројот на ученици и часови. Нема кариерно унапредување и многу други проблеми – вели Грковски.
(С.Бл. – А.П.) – Фото: П.С.