Платното „Птицата со граната“ од мистериозниот уличен уметник Бенкси е продадено во четвртокот на аукцијата во Холандија за 170.000 евра.

Делото, создадено во 2002 година, го купи холандски колекционер, објави новинската агенција АНП, повикувајќи се на аукциската куќа Хесинк во Цволе. Како што велат од аукциската куќа, платното претходно било во сопственост на колекционерот Џејми Вуд, син на легендарниот гитарист на Ролинг Стоунс, Рон Вуд.

Според објавената фотографија, станува збор за слика на птица од чиј клун виси граната, создадена со нанесување на боја во спреј.

Идентитетот на Бенкси останува непознат. Познато е дека е од Бристол во југозападна Англија и дека се преселил во Лондон кон крајот на 90-тите години на минатиот век.

Славата ја стекнал со социјално критични и претежно контроверзни графити кои се појавуваат без претходна најава. Меѓу неговите теми се бездомништвото, потрошувачката, имигрантите, кризата од коронавирусот.