На амбасадорот на Мјанмар забранет влез во Амбасадата во Лондон

20

Амбасадорот на Мјанмар Кјав Звар Мин во Лондон ноќта ја помина во својот автомобил откако вчера беше избркан од Амбасадата, јави Би-Би-Си.

Кјав изјави дека военото аташе на Мјанмар вчера побарал од вработените да ја напуштат зградата, а него му било кажано дека повеќе не е претставник на земјата. Тој вчера изјави дека тоа е „еден вид државен удар во Лондон“.

– Ме спречија да влезам … Ваков вид државен удар нема да се случи, истакна Мин.

Британскиот министер за надворешни работи Доминик Рааб ги осуди „насилните активности на воениот режим на Мјанмар во Лондон“.

Портпарол на британското Министерство за надворешни работи изјави дека „бара појаснување за моменталниот статус на амбасадорот на Мјанмар во Лондон во согласност со дипломатскиот протокол“.

Заменик-амбасадорот Чит Вин е именуван за вршител на должноста амбасадор на Мјанмар во Велика Британија.

Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари со државен удар, уапси повеќе владини претставници, меѓу кои и премиерката Аунг Сан Су Чи, што предизвика протести и зголемување на насилството.

Мин минатиот месец повика на ослободување на Аунг и изјави дека Мјанмар е поделена земја и оти постои ризик од граѓанска војна.

Извор: МИА