Најновиот правец на развој сугерира потреба од зголемено влијание на високото образование

21

Влијанието на високообразовните установи во заедницата секогаш е двострано и претставува основа за заедничко меѓусебно поддржување и поттик за развој. Меѓутоа, можеби најзначаен резултат на ваквото инволвирање на академската заедница е сигурна основа за демократскиот развој кој се базира на почитување на различностите, слобода на говорот, слободен избор и релевантна партиципација на граѓаните во процесите на одлучување, беше посочено на вчерашната јавна презентација на документот за јавни политики насловен „Присуството на академскиот кадар и високообразовните установи во јавноста и нивното влијание врз заедницата“, изработен во рамки на проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ од експертскиот тим на Независниот академски синдикат (НАкС). Автори на документот се проф. д-р Мирјана Најчевска, проф. д-р Драгор Заревски, проф. д-р Бојана Наумовска, доц. д-р Бисера Станкова и м-р Љуан Имери.

– Најновиот правец на развој сугерира потреба од зголемено влијание на високото образование. Во оваа смисла веќе не се зборува само за двете основни мисии на високото образование (обука и истражување) туку и за трета мисија (услуги за општеството). И обуката и истражувањето имаат директно и индиректно влијание врз општествениот развој и развојот на конкретната заедница (со обука на кадри, нови откритија, кумулација на знаења…), меѓутоа, непосредното влијание најмногу се остварува преку третата мисија – услуги за општеството, посочуваат од НАкС.

На промоцијата во воведниот збор проф. д-р Драгор Заревски го истакнал значењето на влијанието на академскиот сектор во високо развиените држави врз севкупниот општествен равиток, а пред сè врз конципирањето и изработката на функционални јавни политики, како и врз развитокот на стопанството.

Документот беше презентиран од проф. д-р Мирјана Најчевска (со видео конференциско вклучување) и доц. д-р Бисера Станкова, при што беше истакнато дека влијанието на високото образование и специфично на универзитетите врз пошироката заедница, приватниот сектор и процесите на донесување одлуки во потесната и пошироката заедница е тема која, во светски размери, сè почесто се спомнува во последните дваесетина години.

Од Независниот академски синдикат потенцираат дека потребата од директно и видливо влијание на високото образование/универзитетите врз развојот на заедницата (услужната дејност на високото образование) се аргументира со: потребата од справување со комплексните проблеми со кои се соочува современиот свет преку донесување политики базирани на податоци кои произлегуваат од научни истражувања; потребата од поддршка и развој на економијата и операционализација на целите на одржливиот развој (овозможено од страна на државните институции); развивање на „ангажирани“ универзитети кои се аниматори на развојот и директни учесници во социоопштествените процеси.

Според добиените податоци од направеното истражување, како што посочуваат, перцепцијата на академскиот кадар е дека високото образование во Република Северна Македонија е многу малку вклучено во процесите на одлучување, во градењето на политиките и во поддршката на севкупниот развој на заедницата.

– Според овие податоци: нема системски решенија со кои би се искористил целокупниот капацитет на универзитетите во формулирањето на политиките на ниво на држава; академскиот кадар најчесто ги искажува своите ставови преку медиумите на индивидуална основа (како издвоени мислења и ставови); не се поддржуваат и не се користат податоците од апликативните истражувања кои се прават од страна на универзитетите или одделни факултети, нема институционално вклучување на високообразовните установи во изработката на законите, стратегиите и политиките на национално или локално ниво; политичките партии често ги дезавуираат научноистражувачките проекти со манипулирање на добиените податоци или со нарачани наменски истражувања; за прашања за кои постои национален експертски капацитет се ангажираат странски експерти што немаат соодветно познавање на конкретните и специфични услови во Северна Македонија, стои во соопштението.

Воедно, како што се дополнува, се создава привид на учество на академскиот кадар во процесите на одлучување; идентификуваните проблеми можат да бидат надминати со системски решенија кои ја поддржуваат соработката меѓу институциите на државата и универзитетите; поддршка на релевантни апликативни проекти и искористување на постојните бази на податоци; воспоставување на постојани канали на комуникација меѓу академската заедница и законотворците; поттикнување на соработка меѓу универзитетите; ефектите од промената која би настанала со примена на овие мерки се широки и повеќеслојни: поголема релевантност на политиките базирани на податоци; создавање услови за владеење на правото; анимирање на јавноста и нејзино информирано одлучување; изнаоѓање алтернативни и најсоодветни решенија; уедначен и одржлив развој: зголемување на потенцијалите на универзитетите и градење нови генерации високообразовни кадри.

Во рамките на проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ раководен од НАкС изработени се три документа за јавни политики и тоа: „Унапредување на квалитетот на високото образование – студентски перспективи“, „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за повисоки стандарди“ и „Присуството во јавноста на академскиот кадар и високообразовните установи и нивното влијание во заедницата“. Проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ е финансиран од Фондацијата Отворено општество Македонија, а спроведен од страна на експертскиот тим на НАкС.