Рекордно мал број одобренија за градење на станови во декември лани издале речиси сите општини во државата со исклучок на неколку скопски. Вкупно, издадени се одобренија за изградба на 423 стана, од кои 303 во Скопскиот регион.
Градежна активност речиси ќе нема во Вардарскиот регион, каде со декемвриските одобренија се градат само три стана, од кои два во Велес, а уште полошо е во Североисточниот регион каде е планирана градба на само еден стан и тоа во Крива Паланка. Во Источниот регион општините во декември дозволиле да се градат вкупно 23 стана, во Југоисточниот 15, а во Пелагонискиот шест. Во Полошкиот регион, каде обично динамиката на изградба на станови е поголема, овој пат се градат само 10, а најмногу во Гостивар – четири. Охрид „ја спасува“ ситуацијата на југозападот, со изградба на 37 стана од вкупно 62 во тој регион.
Од скопските општини најмногу станови се градат во Аеродром. Таму е почната изградбата на 165 станови. Тоа е речиси половина од становите што се градат со одобренијата што ги издале сите општини на главниот град во декември и повеќе од една третина од становите што се градата во целата држава. Поинтензивна станбена изградба има во Чаир, каде се градат 96 стана, додека во Карпош, општината која е многу атрактивна за градежниците овој пат во изградба е 21 стан. Кисела Вода издала одобрение за градба на само еден стан, а Центар на ниту еден.
Најголем број од становите што почнале да се градат во декември се двособни. Со две соби се 135 од вкупно 423-те стана што се во фаза на изградба низ целата држава. Нешто помалку, 114 од становите се со три соби, а трети по број се еднособните – вкупно 99.
И во Скопскиот регион најголемиот број од становите се двособни. Такви се 110 од вкупно 303. Но во главниот град втори по број се еднособните – 86, а на трето место се трисобните – 73. Во Аеродром, пак, каде е најинтензивната станбена изградба по издавањето на декемвриските одобренија за градење, најбројни се еднособните станови. Од вкупно 165 што се градат во оваа општина со една соба е секој втор, или 80. На второ место се двособните кои ги има 76, а останатите девет стана со кои ќе се поднови оваа скопска општина се трисобни.
Вкупната корисна површина на становите што почнале да се градат низ државата во декември е 32.307 квадратни метри.
(С.В.)