Најмногу пари во општина Гази Баба ќе се потрошат на градење и реконструкција на улици и канализација

121

Предлог-буџетот на Општина Гази Баба за 2020 година е развоен и содржи проекти кои ги вклучуваат сите граѓани на општината. Вкупниот буџет е проектиран на 416 милиони денари (6,8 милиони евра), распределени во повеќе буџетски програми. Со предложениот буџет се предвидуваат и повеќе капитални проекти за изградба и реконструкција на улици, фекална канализација, осветлување, животна средина, за социјална заштита… со кои директно ги решаваат проблемите на граѓаните кои со години ги имаат во своите населени места.

Како што соопшти прес-службата на Општината, околу 83 милиони се предвидени за инфраструктурни проекти односно за изградба на улицата „Јордан Пиперката“, како и реконструкција на улиците „Фуштанска“, „Жан Жорес“, „Никола Киров Мајски“ и други. Дополнително предвидени се шест милиони денари за реконструкција на улици во Јурумлери и Трубарево каде е извршена изградба на фекална канализација, како и во новата населба Хиподром 2. Со финансиска поддршка добиена од Владата за 2020 година обезбедени се средства за реконструкција на локалниот пат Раштак – Бутел, како и изградба на два локални патни правци во Булачани и Виниче.

Во 2020 година ќе се гради и канализациона мрежа во населените места Гоце Делчев, Смилковци и Црешево, како и продолжување со градба на канализационата мрежа во Јурумлери и Трубарево, изградба на спортска сала во училиштата „Кирил и Методиј“ и „Наум Охридски“, како и продолжување со градба на детската градинка во Стајковци.

– Во текот на 2020 година е предвидено замена на 4.200 светилки, со нови ЛЕД светилки, со што би се реализирала годишна заштеда од 35 отсто. Главниот фокус на следната буџетска година е животната средина, каде се обезбедени два милиони денари средства на општината и дополнителни 10 милиони денари од градот Скопје, со кои ќе се уреди 15.000 метри квадратни јавен простор, како и дворовите на училиштата и детските градинки – стои во соопштението.

За прв пат со буџетот за 2020 година планирани се нови буџетски програми. Првата програма за уредување на сопственичките права на општината врз објектите во нејзина сопственост, со која општината конечно објектите кои ги има во свое владение ќе ги запише во државниот катастар. Втората за формирање на јавно претпријатие за управување со индустриската зона заобиколница, со цел долгорочен економски развој на општината и отворање на нови работни места. Третата буџетска програма за формирање на јавно претпријатие за управување со објектите за култура и спорт во општината, за нивно реконструирање и враќање повторно во функција на граѓаните, стои во соопштението.

– Општина Гази Баба, сепак, првите три месеци од 2020 година ќе ги започне со времено финансирање, поради не изгласувањето на буџетот од страна на мнозинството во Советот. Тоа значи дека општината од јануари до март нема да има пари за реализација на проектите поради стапување на сила на одлуката за времено финансирање на општината –  се наведува во соопштението на Општина Гази Баба.