Најдоброто од нас ќе го покажеме на Олимпијадата во Буенос Аирес

32

Двајцата талентирани пливачи, кои обезбедија норма за Младинската олимпијада во Аргентина, во интервју за весникот „Вечер“ открија дел од своите идни планови, како и целите во пресрет на најголемиот спортски настан во нивната кариера

По остварените олимписки норми на Меѓународниот пливачки Гран При „Акропилис“ Давор Петровски и Иван Симоновски оваа година ќе бидат во центарот на вниманието на македонската јавност, пред се поради Младинската олимпијада која ќе се одржи во Буенос Аирес, Аргентина.

По тој повод, двајцата талентирани пливачи во интервју за весникот „Вечер“ открија дел од своите идни планови, како и очекувањата од најголемиот спортски настан во нивната кариера.

Давор Петровски, кој со време од 2:09.86 минути во дисциплината делфин го завери билетот за Аргентина, пред Олимпијадата ќе има уште неколку натпреварувања кои воедно ќе бидат увертира за она што следува. Силните тренинзи и зголемената километража се само чекор за уште подобри резултати, бидејќи само така се станува шампион.

  • Својот фокус целосно го насочив кон Аргентина и големиот спортски настан. Претходно имам три натпревари, кои ќе бидат како контролни за тоа што ме очекува. Посакувам константно да го подобрувам времето на секој нов натпревар. Следува предизвикот во соседна Бугарија, кое е за три недели, потоа во Белград, а како крајна подготовка ќе ми биде Државното првенство кое ќе се одржи во Охрид. Сакам на сите три да го подобрам резултатот се со цел да одам во чекор со најдобрите. Моментно тренинзите се во полн ек, секој ден по два пати, ја зголемивме и километражата, истакна младиот Давор.

Иако млад во годините, но „мудрец“ во размислувањата, Петровски има јасно зацртани цели во иднина со кои искрено веруваме дека токму овој пливач, заедно со Симоновски, ќе бидат иднината со која македонската нација ќе се гордее за кус период.

  • Претежно професорите имаат разбирање околу моите репрезентативни обврски, пред се поради фактот што исполнив норма за Олимпијадата во Буенос Аирес. Што се однесува до режимот на исхрана, тој е значајна алка за моите досегашни постигнувања. Внимавам на исхраната, секој ден ми започнува со овошје кое ми дава сила да ги реализирам тренинзите во текот на денот. Исто така условите во кои тренираме не се идеални, како што има на пример во соседните држави, но со сиот напор вложуваме сето тоа да изгледа онака како што приличи за репрезентативен натпреварувач. Тука е и претседателот Александар Маленко, кој целосно се грижи за нас да не ни недостасува ништо и воедно му благодариме за тоа. Како и сите пливачи така и јас имам свој идол, а тоа е Мајкл Фелпс, открива Петровски.

Од друга страна, пак, Иван Симоновски, својата норма за Аргентина ја оствари со време од 57:51 секунди на трката на 100 метри делфин. Како што и самиот вели овој голем талент, пливањето е на прво место, па потоа следуваат девојките.

  • Исто како и Петровски, и јас се соочувам со напорни тренинзи, но едноставно за да се биде најдобар мора да се почитуваат одредени правила кои ги бараат тренерите од нас. По шестото место на Балканијада, целта ми е во овие пет месеци да тренирам напорно и да влезам во првите 16, а потоа и во првите осум натпреварувачи. Пливањето го ставам на прво место, иако не сакам да трпи ниту школувањето, а за девојките секогаш одвојувам време, но исто така и тие ги знаат моите примарни цели. Сакам да им се заблагодарам на професорите кои ме разбираат и поддржуваат, а исто така бескрајна благодарност и до татко ми и чичко ми, кои ме поддржуваат во сето ова што го правам. Едноставно, без нив немаше да успеам, вели Иван, пливач за кој допрва ќе се зборува.

Симоновски исто така ни откри како минува еден обичен ден во неговиот живот, ако се има во предвид дека во текот на 24 часа тренира два до три пати.

  • Наутро појадувам, па околу шест часот се упатувам кон базенот. По истегнувањето од седум до девет ми е тренингот. Потоа одам на училиште, па се враќам дома на ручек, кој мора да биде во склад со мојот режим на исхрана, целосно здрава храна. Следува одмор, па потоа повторно на тренинг, кој трае околу два и пол часа, а во него минувам над шест километри пливајќи. Што се однесува до режимот на исхрана, внимавам премногу. Имам три оброка во текот на денот, а калориите ги согорувам за време на тренинзите. Околу главната исхрана консумирам овошје и некое парче месо, претежно варено. Исто така, фокусиран сум на Младинската олимпијада во Аргентина, цел ми е да го подобрам личниот рекорд и да влезам во првите 16, а потоа и во најдобрите осум. Втората цел ми е да исполнам норма за СП во Париз. Еден ден сакам да имам резултати како оние на Јужноафриканецот Чад ле Клос, откри Симоновски.

Кристијан Трајковски
ФОТО: Д. Митрески и Ѕ. Плавевски