Најголемите ривали на теренот станаа сојузници

36

Најпосле најголемите ривали на кошаркарските терени, тимовите на МЗТ Скопје и Работнички, станаа сојузници. Причината за овој сојуз се драконските казни кои им ги изреку Министерството за внатрешни работи (МВР), поради однесувањето на нивните навивачи за време на натпреварите.

Двата клуба се казнети со по 8.000 евра поради проблеми со навивачите, казни кои редовно ги добиваат без разлика дали се играат на домашен или гостински терен. Токму затоа и двата клуба реагираа со соопштение во кое бараат да не бидат драконски казнувани и казните да се приолагодат на македонските стандарди.

  • Знајеќи колку е тешко да се обезбедат средства за секоја тековна сезона за развој на сите школи, вклучувајќи го и потикот за развојот на младинските школи, ние мораме поголем дел од буџетот на клубот да го користиме за плаќање на казните кои ги имаме речиси по секој одигран натпревар во нашето домашно првенство. Казните се мегаломански, неприфатливи за било кој клуб кој е дел од македонското првенство и тоа – 8.000 евра за секој меч на кој се случува барем нешто што не му се допаѓа на МВР. Поради засегнатата ситуација ние размислуваме за во иднина натпреварите да ги играме без публика, за да видат луѓето од МВР како е тажно врвен спортски натпревар да се одигра пред празни трибини, пишува претседателот на управниот одбор на тимот од Градски Парк, Ристо Гапиќ.

Од Работнички сметаат дека Законот за спречување насилство на спортските терени (ЗСНСТ), на кој се повикува МВР, е максимално ригиден и ригорозен, со превисоки казни и работи кои не се применливи во државава и бараат негово менување.

  • Поради овој Закон, кој е препишан од некои дијаметрално поразлични средини од нашата, клубовите повеќе пари даваат на неверојатно високите парични санкции, отколку на своите спортисти, што треба и е приоритет на секој спортски колектив во светот. Ние бараме државата сериозно да го разгледа овој проблем, кој се заканува да ја остави Македонија без врвен спорт. Бараме промена на ЗСНСТ, негово прилагодување на македонските услови и пред сѐ казнениот систем да биде прилагоден на нашиот стандард, се вели меѓу другото во сопштението на првиот човек на Работнички.