Најбогат е, а може да влезе во историјата како првиот билионер на светот

246

Илон Маск, извршниот директор на „Тесла“ (Tesla), може да стане првиот билионер на светот благодарение на неговата компанија „СпејсИкс“ (SpaceX), смета аналитичар на компанијата Морган Стенли.

Маск веќе е најбогатиот човек во светот со имот вреден 241 милијарда долари.

Најголем дел од тоа и должи на својата компанија Тесла, која произведува електрични автомобили, но благодарение на растот на „СпејсИкс“ во истражувањето на вселената и вселенскиот туризам, прашање на време е кога ќе стане првиот билионер на светот.

Аналитичарот на „Морган Стенли“, Адам Џонс, вели дека од своето основање во 2002 година, „СпејсИкс“ ги поместува границите и роковите на можното, кога станува збор за ракети, лансери и инфраструктура.

„Повеќе клиенти велат дека ако Илон Маск стане првиот билионер… тоа нема да биде поради Тесла. Други велат дека SpaceX на крајот би можел да стане највредната компанија во светот, во кој било индустриски сектор“, рече Џонс во својата анализа за SpaceX Escape Velocity… Who Can Catch Them?

„СпејсИкс“ го трансформира начинот на кој светот го гледа вселенското истражување. Летовите во вселената, кои досега беа реткост и за кои требаше долго време да се подготват и да имаат многу среќа, во последните месеци станаа уште една забава за богатите и влијателните. Ова во голема мера се должи на „СпејсИкс“, бидејќи оваа компанија беше првата што излезе со идеја за ракети кои можат да се користат повеќе пати.

Ваквите ракети сега речиси станаа реалност, така што цената на летовите во вселената е значително пониска, во рамки на буџетот на најбогатите.

Џонс верува дека „СпејсИкс“ може да биде лидер во многу области, без разлика дали се работи за вселенска инфраструктура, истражување на длабоката вселена или набљудување на Земјата.

Сателитскиот проект Starlink, исто така, ќе биде клучен за растот на компанијата.

Џонс проценува дека „СпејсИкс“ вреди 200 милијарди долари.

Маск поседува 48 отсто од компанијата.