Најбогатиот Британец и заговорник на Брегзит се пресели во Монако

90

Сер Џим Ретклиф, најбогатиот Британец и еден од водечките поборници за брегзит, ја напушти Велика Британија и се пресели во Монако, пренесува „Гардијан“.

И покрај претходните тврдења дека Велика Британија ќе биде „совршено успешна“ без Европската унија, 65-годишниот Ретклиф реши да ја напушти родната земја и да се пресели во Кнежевството, каде не се плаќа данок на доход.

Ретклиф е сопственик на најголемата британска петрохемиска компанија Ineos, а неговото богатство се проценува на 17,5 милијарди фунти.

Според „Гардијан“, се проценува дека оваа промена ќе му донесе заштеда од околу четири милијарди фунти, кои Ретклиф нема да мора да ги плаќа како даноци. Оние што живеат во Монако најмалку 183 дена во годината се ослободени од плаќање данок на имот и приход.

Од друга страна, весникот потсетува дека во Велика Британија највисоката даночна стапка за приходи повисоки од 150.000 фунти годишно е дури 45 проценти.

Пред официјално да се пресели во Монако, Ретклиф беше трет на листата на најголеми даночни обврзници во Велика Британија, со платени 110 милиони фунти во текот на 2017 и 2018 година.

Неговата одлука да ја напушти Велика Британија дојде кратко откако Кралицата го прогласи за витез, а Велика Британија гласаше за напуштање на Европската унија.

Ретклиф е хемиски инженер кој покрај дипломата за хемија има завршено и менаџмент на London Business School.

Во 1998 година го формира „Инеос“ и брзо почнува да се шири во петрохемијата купувајќи поранешни делови на „Бритиш Петролеум“.