Најавениот снег и ниските температури нема да замрзнат земјоделските култури

Во моментов имаме висока површинска влага и не може да се работи по нивите, а поради калта и земјоделската механизација не може ни да влезе внатре. Дождот е поволен за поголем дел од земјоделски култури и за есенската сеидба, но не и за жетвата на оризот, бидејќи оризовите полиња се под вода и комбајните не може да го ожнеат. Од друга страна и оризовата арпа ќе биде со висока влага и ќе треба дополнително време и средства за да се исуши, вели агрометеорологот Ангелко Ангелески

117
Young wheat under snow.

Дождовите кои паднаа изминативе денови се добредојдени по долгата суша, а освен за земјоделството врнежите придонесоа да се наполнат акумулациите и да се зголемат приливите во езерата и реките, што ќе овозможи постабилна енергетска состојба. На некои места во државата веќе наврнаа над 100 литри дожд на метар квадратен, кои засега добро се акумулираат во почвата. Според метеоролозите, дождовите ќе продолжат во текот на неделава, а од денеска на повисоките места ќе има и снег.

Агрометеорологот Ангелко Ангелески за весникот ВЕЧЕР вели дека во изминативе неколку дена најмногу дожд наврнал во Битола, 111 литри на метар квадратен, во Тетово 106 и во Куманово 96 литри на метар квадратен, што е двојно повеќе отколку во текот на цел октомври. Тој ги предупреди земјоделците дека поради големата влага на површината од почвата не може да се работи со земјоделска механизација.

-По долгата суша врнежите се добредојдени, а почвата е сува и може да ги апсорбира. Во моментов имаме висока површинска влага и не може да се работи по нивите, а поради калта и земјоделската механизација не може ни да влезе внатре. Дождот е поволен за поголем дел од земјоделски култури и за есенската сеидба, но не и за жетвата на оризот, бидејќи оризовите полиња се под вода и комбајните не можат да влезат да го ожнеат. Од друга страна и оризовата арпа ќе биде со висока влага и ќе треба да се суши, вели Ангелески.

Тој додава дека површинската влага во почвата е голема и засега не може да се вршат подготовките на почвата за есенската сеидба која доцни.

-Во четврток се очекува пад на температурите и снег на повисоките места, а веќе од сабота времето ќе се стабилизира и дневните температури ќе се движат од 15 до 18 степени Целзиусови. Врнежите ќе престанат, влагата ќе се симне во почвата и ќе се создадат услови за сеидбени активности. Поради облачноста која нема да дозволи паѓање на температурите под 0, нема да има мраз и штети врз градинарските култури. Грозјето е веќе собрано, а ниските температури нема да им штетат на зелката и касните сорти на јаболка, вели агрометеорологот Ангелески.

Метеоролозите предупредуваат дека студеното време ќе се задржи и во следниот период, а влажниот бран ќе донесе и снег. Пообилни врнежи од дожд повторно ќе има денеска, кога поради спуштање на студена воздушна маса, на планините во северозападните делови ќе врне снег.

(А.С.)