Најавена децентрализација на две национални установи во Крушево: Историскиот музеј и Спомен-куќата “Тоше Проески“ под капа на општината?!

181

Националните установи “Историски музеј“ и Спомен-куќа “Тоше Проески“ ќе се децентрализираат, односно ќе станат надлежност на локалната самоуправа, информираа од општината Крушево. Според градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, нивно ставање во надлежност на локалната самоуправа, нема да има финансиски импликации за општина Крушево и нејзините граѓани.

“По целосното спроведување на децентрализацијата, овие институции ќе бидат под надлежност на локалната самоуправа, но ќе добиваат дотации, ќе се финансираат од централната власт и од ресорните министерства како и досега. Најголема добивка од процесот ќе има општина Крушево и граѓаните, најмногу зашто е туристичко место, а двете институции играат значајна улога во туристичката понуда на градот#, посочува Христоски истакнувајќи дека тоа ќе значи развојот на туризмот и промоција пред потенцијалните посетители.

Како пример за идното функционирање на овие институции, Христоски го наведува крушевскиот дом на култура “Наум Наумовски-Борче“, кој е во надлежност на локалната самоуправа, а добива финансии од Министерство за култура. “Дополнителни оптоварувања на скромниот буџет на општина Крушево нема да има, а децентрализацијата ќе донесе професионализација, заеднички пристап, поефикасно функционирање и подобра туристичка понуда“, информира Христоски за процесот на децентрализација на двете установи.