Нашиот ориз отиде во Србија, а ние ќе јадеме неквалитетен грчки ориз

95

Моментално во Македонија речиси и да нема домашен ориз, а нема да има до новата жетва, велат оризопроизводителите. Оризот кој се продава на пазарите и во маркетите се увезува од Грција и е со далеку послаб квалитет од домашниот. Овој ориз се пакува и се декларира како кочански

Целата реколта од домашниот квалитетен кочански ориз е откупена и е извезена во Србија. Така моментално во Македонија речиси и да нема домашен ориз, а нема да има до новата жетва, велат оризопроизводителите. Оризот кој се продава на пазарите и во маркетите се увезува од Грција и е со далеку послаб квалитет од домашниот. Овој ориз се пакува и се декларира како кочански.
-Целиот ориз од реколтата 2018-та е откупен и е продаден во Србија по многу пониски цени од берзанските. Оризопроизводителите го предадоа оризот на откупните капацитети, а тие го продадоа во Србија по многу ниски цени и сега немаме ориз за задоволување на домашните потреби и истиот ќе го увезуваме од Грција, вели Јорданчо Лефков, оризопроизводител и претседател на Здружението „Оризова братинка“ од Чешиново.
Оризопроизводителите годинава побрзаа да го продадат оризот за да ги добијат дополнителните субвенции од пет денари за килограм произведена и предадена оризова арпа кај регистрирани откупувачи. Рокот за поднесување на барања за дополнителните субвенции заврши на 25-ти април, а во моментов во Платежната агенција се врши обработка на пристигнатите податоци.
Според Лефков ако не беше притисокот од оваа мерка оризопроизводителите немаше да брзаат да го продадат оризот и ќе постигнеа повисока цена, а и ќе имаше ориз за задоволување на потребите на домашниот пазар. Сега немаме ни ориз, ни пари бидејќи се уште не сме ги добиле субвенциите. Тој додава дека ориз на македонскиот пазар нема да има до новата жетва.
-Ако не беше донесена оваа мерка оризопроизводителите ќе чекаа да се зголеми цената и ќе го продадеа по повисока цена, бидејќи сегашната цена е на граница на рентабилност и едвај ги покриваме производствените трошоци. Цената е зголемена, но на увозниот ориз, бидејќи домашен ориз веќе немаме, вели тој.
Од друга страна од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека дополнителните субвенции дале резултат и оти целото производство на ориз од реколтата 2018 е откупено по повисока откупна цена во споредба со претходните реколти.
Владата минатата година поради ниската откупна цена на оризовата арпа и нарушениот баланс меѓу понудата и побарувачката донесе интервентна мерка од пет денари за килограм произведена и предадена оризова арпа кај регистрирани откупувачи. (А.С.)