Наша реалност – живот без греење на -10 степени, граѓаните во паника!

314

На околу 54 илјади домаќинства или над 220 илјади граѓани, 95 образовни установи и 1.027 други објекти во главниот град што се приклучени на системот на „Балкан енерџи груп“ им се заканува викендов да останат без греење на температури кои денеска во Скопје се спуштија во длабок минус. Од БЕГ изјавија дека можат да испорачуваат топлина заклучно до вечерва и дека повеќе немаат залихи на природен гас за работа на топланите, а и немаат средства да го купат. Затоа побараа државата да го преземе управувањето со БЕГ до завршување на кризната состојба.

Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека во оној момент кога БЕГ ќе престане да испорачува парно греење до скопјани, ќе покренат постапка за да им ги земат лиценците за работа. Кога тоа ќе се случи од Владата и од Регулаторна не прецизираат, но потенцираат дека за тоа ќе ја информираат јавноста. Владата ќе го преземе управувањето со БЕГ ако денеска радијаторите останат ладни и велат нема да дозволат граѓаните да останат без греење

На околу 54 илјади домаќинства или над 220 илјади граѓани, 95 образовни установи и 1.027 други објекти во главниот град што се приклучени на системот на „Балкан енерџи груп“ им се заканува викендов да останат без греење на температури кои денеска во Скопје се спуштија во длабок минус.

Од БЕГ изјавија дека можат да испорачуваат топлина заклучно до вечерва и дека повеќе немаат залихи на природен гас за работа на топланите, а и немаат средства да го купат. Затоа побараа државата да го преземе управувањето со БЕГ до завршување на кризната состојба.

Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека во оној момент кога БЕГ ќе престане да испорачува парно греење до скопјани, ќе покренат постапка за да им ги земат лиценците за работа. Кога тоа ќе се случи од Владата и од Регулаторна не прецизираат, но потенцираат дека за тоа ќе ја информираат јавноста.

– Предлогот на БЕГ за нас е неприфатлив. Опциите што Владата и РКЕ им ги понуди на БЕГ и ТЕ-ТО тие ги одбија. Останува опцијата Владата да го преземе управувањето како што впрочем и побараа самите од БЕГ, а Регулаторна ќе им ја одземе лиценцата. Нека не очекуваат некој друг да им го реши проблемот. Ние сè ќе направиме да ги заштитиме граѓаните – вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

Лиценцата на БЕГ за снабдување со топлина истекува на крајот на оваа година, додека другите две лиценци за производство и дистрибуција имаат важност од 35 години, што значи до 2047 година.

Владата вчера донесе одлука ТЕ-ТО да работи и за викенд и да го продава вишокот на струја на ЕСМ по цена не повисока од 170 евра по мегават/час, а со тоа да се обезбеди и топлинска енергија за скопјани да не останат без парно и оваа одлука да важи до крајот на овој месец.

Од ТЕ-ТО соопштија дека не можат да работат со загуба, бидејќи согласно постоечкиот договор за набавка на природен гас кој го имаат со важност до 31.01.2022 година, производната цена на електричната енергија од неговата постројка, со вклучен трошок за произведена, но ненаплатена топлинска енергија изнесува 270 евра за мегват/час без вклучен ДДВ.

Инаку, како што објавија некои медиуми, Основното јавно обвинителство води предистражната постапка за пријава стара речиси три години за начинот на кој трите фирми ќерки на БЕГ ја добиле лиценцата за снабдување со топлинска енергија. Во мај 2019 година МВР поднело кривична пријава против поранешниот претседател на РКЕ, Димитар Петров и три члена на комисија за нелегално издавање на три лиценци во 2012 година за вршење на енергетски дејности (регулирано производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија), без да бидат исполнети услови и критериуми, со што нанеле штета од 6,6 милиони евра.

Граѓаните се во паника. Иако денеска радијаторите во нивните домови се топли, стравуваат дека од утре може да останат без греење на минусни температури. Бараат алтернативни начини за греење, во случај викендов да останат без парно.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, смета дека одговорноста е на Владата која што навремено не реагирала и не донела каква било стратегија за справување со енергетската криза, а граѓаните се тие кои губат.

– За мене е преседан каков што се нема случено, не само во Македонија, туку било каде, Влада да бара градот да ги решава проблемите со недостатокот на топлинска енергија и со ладните радијатори во домовите на граѓаните. Мислам дека сега не е време да се игра со чувствата на скопјани и воопшто не е време да се игра на картата префрлување на одговорноста, која што лично треба да ја понесе за тоа дека не се донела соодветна енергетска стратегија за тоа што да се прави во ситуација на една ваква енергетска и економска криза со каква што се соочуваме – вели Арсовска за која ова што се случува се само политички игри.

КОМПАНИИТЕ ОСТАВЕНИ НА ЦЕДИЛО

Реакции има и од компаниите кои што се оставени на цедило затоа што се присилени струјата да ја купуваат на европските берзи по далеку повисока цени од онаа која им ја ветуваше Владата. Најавите дека вишокот на струја од ТЕЦ Неготино ќе биде наменета за компаниите по цена од 150 евра за мегават/час не се остварија.

Според енергетските експерти во моментов ТЕЦ Неготино не работи со целосен капацитет, односно не произведува доволно струја за да ја продава на слободниот пазар, туку само за домаќинствата и затоа целото производство оди за потребите на универзалниот снабдувач. Доколку ТЕЦ Неготино работеше со целосен капацитет, тогаш беше предвидено електрична енергија да се продава и за фирмите. 

Друг проблем за компаниите е што снабдувачи почнаа да им ги раскинаа договорите за снабдување со струја и ги принудуваа да склучуваат нови договори во кои беа условувани струјата да ја плаќале однапред по 500 евра за мегават/час.

– Не знаеме како ќе го издржиме овој притисок. Во последниве два месеца цената на струјата за индустријата е зголемена од 100 до 300 отсто. Снабдувачите почнаа да ги раскинуваат договорите кој кога сака и нè оставија на цедило. Новите договори кој што ги потпишавме со снабдувачите се со многу повисока цена. Не знам како ќе опстанеме. И цената на природниот гас е зголемена за три пати. Така сега на пример една голема компанија која пред два месеци плаќала 100 илјади евра за гас сега плаќа 300 илјади евра месечно – изјави за ВЕЧЕР, Горан Малишиќ, претседател на Здружението на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија.

Бизнис-секторот постојано укажува на проблемите и на потребата од преземање на соодветни мерки за помош на компаниите за да не дојде до колапс на целата економија. И барањата на компаниите за замрзнување на цената на струјата и гасот по примерот на некои од соседните земји останаа само на хартија.

– Сите држави во ЕУ ја замрзнаа цената на струјата за компаниите кои купуваа на слободниот пазар. Кај нас не се направи ништо во услови кога цената на струјата на слободниот пазар дивееше, поради што целата индустрија се најде во многу тешка ситуација – велат од бизнис секторот.

И експертите предупредија дека снабдувачите не смеат да им ги раскинуваат договорите на компаниите и не смее никој да ги уценува компаниите и граѓаните со авансно плаќање, бидејќи тоа не е во согласност со правилникот за снабдување со електрична енергија и Законот за енергетика.

Претседателот на Стопанската комора за енергетика, Ѓорѓи Манасков уште во август кога струјата на берзите почна да расте предупреди дека ќе дојде до ваква ситуација. Според него причината е што на  лиценцираните снабдувачи не им се помогне навреме, а сега вели, веќе е доцна, бидејќи мал број останаа во функција.

– Владата ја молевме да ја има предвид состојбата во која се најдоа снабдувачите. Ако нив им се одземат лиценците, тогаш ќе мора Владата да биде снабдувач, но тогаш во старт набавната цена ќе биде голема. Требаше на снабдувачите да им се помогне, бидејќи струјата ја набавуваа по повисока цена, а ја продаваат по пониска. Тоа придонесе снабдувачите да имаат сериозни загуби на дневно ниво кои се принудени да ги раскинуваат договорите кои ги имаат склучено со компаниите и граѓаните. Поради тоа дел од нив банкротираа – изјави Манасков.

Од бизнис секторот се разочарани од неисполнување на ветувањето од Владата дека ТЕЦ Неготино ќе биде ставен на располагање за потребите на компаниите кои наместо по 283 евра струјата ќе ја плаќаа по 150 евра за мегават час. За жал тоа не се случи, бидејќи целата енергија што ја дава ТЕЦ Неготино се троши само за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи.

Но сепак, ако е за утеха претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски најави дека РКЕ ќе им помогне на компаниите и сите количини на електрична енергија од повластените производители кои беа наменети за регулираниот пазар ќе се префрлат на слободниот пазар. Станува збор за 237 милиони киловат-часови кои ќе им се продаваат на компаниите по просечна цена од 100 до 110 евра за мегават/час.

Но компаниите останаа резервирани околу оваа најава и ќе почекаат да се реализира за да не остане како и сите други досега само на зборови.

(С.Бл. – А.С.)