Нацистичкиот генерал 12 години работел во западногерманското разузнавање

52

Франц Јозеф Хубер, одговорен за депортацијата на десетици илјади австриски Евреи, по Втората светска војна бил вработен во разузнавачката служба на Западна Германија, објави германскиот телевизиски канал, АРД.

По поразот на нацистичкиот Трет Рајх 1945 година, Американците го уапсиле Хубер и го ослободиле во 1948 година. Тој СС генерал се покажал како „кооперативен“ со сојузничките сили, па така избегнал гонење и судења за воени престапи и злосторства против човештвото.

– Студената војна (со СССР) беше неизбежна и тие (Американците) првенствено бараа тешки антикомунисти. За жал, премногу често ваквите луѓе биле барани и наоѓани кај поранешни нацисти, изјави Бодо Хелхамер, историчар за прашањата на БНД.

Имено, Хубер командувал со СС и Гестапо во Виена до 1944 година, а потоа бил вработен во Федералната разузнавачка служба – БНД, од 1955 до 1967 година и бил заштитен од можни судски постапки.

За време на Втората светска војна, биле истребени вкупно 65.000 австриски Евреи, главно од Виена. Значи, Хубер работел заедно со Адолф Ајхман, кој се смета за главен организатор на геноцидот врз Евреите во Европа. Ајхман, кому му се судело за злосторствата, пред 60 години во Ерусалим, Израел, особено работел на формирањето на „Централната агенција за еврејска емиграција“ во Виена.

– Службата БНД точно знаела дека Хубер не е ситен убиец во Гестапо, туку генерал на СС кој дејствувал во најдлабоките кругови на нацистичкиот терористички апарат и е одговорен за смртта на десетици илјади Евреи и противници на режимот, вели историчарот Стефан Мининг, кој ги проучувал архивите на разузнавачките служби на Западна Германија.

По пензионирањето 1967 година, Франц Јозеф Хубер се пензионирал како државен службеник и продолжил да работи во германска компанија за канцелариска опрема. Почина во Минхен, 1975 година, на 73-годишна возраст.

Извор: МИА