Народот сам да одлучи – тоа е тоа!

43

Повик за тивок бојкот на референдумот или неутрален став, во кој преовладува волјата на гласачите е долгоочекуваниот став на опозицијата – Секој граѓанин да се изјасни според сопственото убедување.
По речиси два месеца откако се знае референдумското прашање, најголемата опозициска партија побара од граѓаните да постапат по сопствено убедување.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по средбата со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, и по одржувањето на седниците на Извршниот и на Централниот комитет, во вторникот вечерта порача дека “секоја индивидуа, со сопствениот морал и совест ќе донесе одлука која смета дека е најдобра пред се за своето семејство и за нашата мила Македонија”.

– Само треба да го слушате вашето срце и вашиот разум, и на крај, сосема на крај Македонија ќе победи, затоа што на Македонија и е потребна мудрост и обединетост”, рече Мицкоски.

Во долгото обраќање, Мицкоски нагласи дека Договорот со Грција за смена на името е документ кој тој и и ВМРО-ДПМНЕ не го прифаќаа, но во исто време тој потенцираше дека тоа не значи дека партијата е против ЕУ и НАТО.

– ВМРО-ДПМНЕ напоменувам и потенцирам е за членство во НАТО и во Европската Унија. Тоа се нашите пријатели и партнери. Република Македонија не смее да има поинаква иднина освен онаа трасираната кон овие организации. Но воедно ние сме силно против Договорот, затоа што тој не ги одразува интересите на Република Македонија и се коси со Уставот и принципите на оваа земја – рече Мицкоски.
Лавина реакции по социјалните мрежи веднаш предизвика одлуката на најголемата опозициска партија. Блиските соработници на Мицкоски и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ уште вечерта ја дообјаснуваа изјавата на лидерот Мицкоски, осврнувајќи се на партискиот став. Дел од поддржувачите партискиот став го толкуваат како повик за бојкот.

“Само глув човек не слушна и слеп човек не виде кристално чист повик за бојкот. Браво ВМРО”, напиша Александар Пандов на неговиот фејсбук-профил.

За професорката Тања Каракамишева, која го придружуваше Мицкоски на лидерските средби, се е јасно.

– Секој граѓанин ДА ОДЛУЧИ (значи не да гласа туку да одлучи) според своето убедување, морал и совест нашата татковина е пред крстопат, ова се судбоносни мигови за државата. Македонци, пред вас имате лажно прашање што има за цел да манипулира и да ве стави во забуна дека овој референдум е за членство во ЕУ и НАТО, а вистината е дека овој референдум е за наше комплетно обезбличување како народ и за перење на рацете на сите што се вклучени во сценариото, напиша Каракамишева на својот фејсбук-профил.

Дел од поддржувачите на опозицијата по социјалните мрежи изразија незадоволство од одлуката на партијата.

-Лидер треба да биде јасен и гласен, да го поведе народот да му го каже патот,а МИЦОТАКИС рече сами одлучете за што ќе гласате, значи ИЗЛЕЗЕТЕ рече.

-Веќе не е толку битно дали членството на ДПМНЕ или народот ќе бојкотира. Со неискажување и јасен повик на бојкот, Мицковски (со коалицијата), во моментов му даде индиректен легимитет на референдумот, затоа што сега, не постои ниедна партија која го бојкотира овој нелегален референдум. Сега Заев има потполно право да настапи пред сите фактори надвор и внатре и да изјави дека ете НИЕДНА ПАРТИЈА (парламентарна) НЕ Е ПРОТИВ! Законска должност им беше на ДПМНЕ, како регистрирана партија во МК , да не прифаќа јасно и јавно да ги осудува нелегалните референдуми. Со оваа изјава, кога веќе се дава “избор” што да прави народот (членството), дали да гласа или не, партијата го официјализира референдумот, коментираа граѓани на социјалните мрежи.

На официјалната страница на Христијан Мицкоски на Фејсбук, каде што тој има околу 30 илјади следбеници, граѓаните му порачаа дека требало кратко и јасно да си го каже ставот, но во дел од коментарите граѓаните му честитаат на мудроста што донел одлука народот да се води по сопствено убедување.