„О2 Иницијатива“ го поддржува локалното население и сите граѓани кои се организираат против изградба на малите хидроцентрали на река Дошница на планината Кожуф. Тие јавно ја прашуваат министерката за животна средина Каја Шукова, зошто Министерството за животна средина и просторно планирање нема до сега поднесено барање до Влада за забрана на изградба на мали хидроцентрали во земјава.

Воедно,од „О2 Иницијатива“ ги поддржуваат барањата на граѓаните до Владата таа да донесе одлука за стопирање на сите активности поврзани со изградбата на малите хидроелектрани „Папрад“ и „Баров дол“ на реката Дошница на планината Кожув, во рок од 30 дена.

Исто така, бараат Владата да донесе одлука со која ќе го задолжи ресорното министерство за Земјоделство, шумарство и водостопанство за изработка на Проект за трансформација на подружниците на Државното претпријатие за шуми во Кавадарци, Демир Капија и Гевгелија во Јавно претпријатие за управување со Националниот парк „Кожув“, во рок од 90 дена.

– Покрај докажаната голема штета од изградба на мали хидроцентрали и нивната незначителна корист, се продолжува со издавање на дозволи и не се носи забрана, како во Босна и Херцеговина, на изградба на мали хидроцентрали во земјава, туку уште и се субвенционираат и на приватниците им се исплаќа откупената струја по повластени тарифи – потенцираат од „О2 Иницијатива“.

Викендов на местото Смрдлива Вода, жителите од Гевгелија, Неготино, Демир Капија, како и куп организации кои се борат за зачувување на животната средина и здруженија на граѓани, преку сенароден протест го искажаа своето силно негодување за изградбата на две мини-хидроелектрани на реката Дошница, на планината Кожув. Оттаму побараа Кожуф да стане национален парк.

Мини-хидроелектрани во вкупното производство на струја имаат минимален удел, додека за инвестоторот имаат максимален профит – за сите останати, тоа сепак значи уништување на животната средина, во случајов една од најчистите реки во државата, Дошница.

Протестот е предупредувачки до властите и надлежните институции. Народот од Гевгелиско, Неготинско, Кавадаречко и Демиркаписко спремен е со жив штит да ја брани реката Дошница и планината Кожув од експлоатацијата на олигарсите – за што веќе имаа една протесна блокада пред багерите кои се наместени и пробиваат пат.