Народната банка една од институциите со најсилен капацитет, банкарскиот систем стабилен

Банкарскиот систем стабилен, а Народната банка е една од институциите со најсилен капацитет оценуваат поранешни членови на Советот на НБ. Според нив за состојбата на банкарскиот систем не може да се даваат паушални и субјективни оценки, бидејќи за таа цел постојат објективни, релевантни и меѓународно прифатени мерила и стандарди

41

Народната банка е една од институциите со најсилен капацитет. За банкарскиот систем не може да се даваат паушални и субјективни оценки, бидејќи за таа цел постојат објективни, релевантни и меѓународно прифатени мерила и стандарди,оценуваат универзитетските професори по економија и поранешни надворешни членови на Советот на Народната банка, Александар Стојков и Сашо Арсов.

– Народната банка е една од институциите со најсилен капацитет, што се должи на високиот степен на политичка, финансиска и оперативна независност. Нејзиното раководство и нејзините вработени многу пати досега ја докажаа својата компетентност, во познати и недоволно познати битки за зачувување на ценовната и финансиската стабилност, истакнува Стојков притоа посочувајќи и дека Народната банка обезбедува континуирана поддршка на развојот на финансискиот систем, што меѓу другото, се гледа и преку довербата на граѓаните во банките и порастот на депозитите низ годините.

Арсов е со оценка дека Народната банка е институција со исклучителен авторитет, компетентност и репутација.

Тој нагласува дека за состојбата на банкарскиот систем не може да се даваат паушални и субјективни оценки, бидејќи за таа цел постојат објективни, релевантни и меѓународно прифатени мерила и стандарди.

– Најчесто споменуваниот од нив е стапката на адекватност на капиталот, која е пропишана со т.н. Базелски стандарди, кои се повеќе пати редефинирани и кои се прифатени кај нас. Согласно стандардите, стапката на адекватност би требало да изнесува најмалку осум отсто на ниво на поединечна банка, а кај нас тој во просек за целиот банкарски систем е 16,5 отсто. Тоа значи дека нашите банки одржуваат повеќе од двојно повисоко ниво на сопствен капитал во однос на она што е меѓународно пропишано како минимум наспроти обемот на направените вложувања, земајќи го предвид и ризикот на таквите вложувања. Ова ниво на адекватноста на капиталот се одржува во континуитет најмалку десет години наназад, вели Арсов.

Стојков е со оценка дека Народната банка многу професионално и совесно ги следи перформансите на одделните банки и на целиот систем, ја оценува адекватноста на нивниот капитал, прави проценка како управуваат со различните ризици, дали внимателно ги пласираат парите на штедачите.

Според него, брзата, ненадејна и длабока рецесија во вториот и третиот квартал од 2020 година, предизвикана од пандемијата со коронавирусот, неминовно го зголеми притисокот врз банките насекаде низ светот, при што многу фирми и граѓани се соочија со сериозни проблеми при отплатата на кредитите.

– Да потсетиме дека токму Народната банка иницираше олеснување на кредитните услови, можност за одложување на исплатата на ратите и други поволности. Во вакви услови, банките мораат да располагаат со задоволително ниво на капитал за да ја одржат својата ликвидност, солвентност и стабилност и да ја зачуваат довербата на своите депоненти, вели Стојков.

За случајот со „Еуростандард“ е дециден дека Народната банка го направи тоа што мораше да го направи.