Македонија за економските штети кои ќе ги претрпи поради придружувањето на санкциите на ЕУ кон Русија, според експертите, треба што поскоро да побара обештетување од европските фондови, бидејќи сосема извесно е дека војната во Украина ќе предизвика тешки економски последици и кај нас.

Иако не постои посебен компензациски фонд за обештетување поради санкциите, Владата веќе требало да направи анализа што треба да се бара од ЕУ, посочува  д-р Малинка Ристевска Јорданова, член на Управниот одбор на Институтот за европска политика(ЕПИ) од Скопје.

„Најпрвин, не постои посебен компензациски фонд за последиците од санкции воведени од ЕУ. Во ЕУ постојат различни компензациски фондови, за кои се поставени условите за користење(каков што е на пр. инвестицискиот компензациски фонд). Државите кандидати досега немале пристап до нив. Што треба да се бара од ЕУ во ситуација на криза веќе требало да биде предмет на анализа на Владата. Не случајно и потпретседателот на Европската комисија Борел при посетата нагласи дека тема на дискусија била како може ЕУ да помогне во кризата. Меѓутоа, не чувме поконкретни информации за ова“, изјави за весникот ВЕЧЕР д-р Ристевска Јорданова.

Таа додава дека ЕУ најпрвин ќе го користи Инструментот за претпристапна помош.

„Најважно е ЕУ да ги предвидува мерките за справување со последиците од кризата за државите од Западниот Балкан паралелно со планирањето на тие мерки за нив, што сега не е случај. Секако дека ЕУ најпрвин ќе го користи Инструментот за претпристапна помош за каква и да е финансиска поддршка, зашто има флексибилност да ги пренамени средствата“, истакна д-р Ристевска Јорданова.

Нашата држава, според поранешниот амбасадор Ристо Никовски, требаше да бара гаранции дека нема да биде оставена сама да се справува со последиците пред да се приклучи кон санкциите на ЕУ против Русија.

„Македонија кога веќе ги прифаќаше санкциите мораше претходно да бара од Брисел гаранции дека тоа ќе биде соодветно третирано во однос на сите земји кои се вклучија во санкциите. Во вакви ситуации однапред се планира, однапред се поставуваат условите и однапред се бара соодветен однос на вашите потреби, кои се во нивна корист и на некој начин не присилија да ги направиме“, изјави за весникот ВЕЧЕР дипломатот Никовски.

Реакцијата доаѓа по веста дека Европската комисија ја поздрави усогласеноста на Македонија и Албанија со санкциите против официјална Москва, но таргетирани финансиски компензации не се на маса.

За да добиеме обештетување, според дипломатот Никовски, мора да испратиме издржано барање поткрепено со факти за штетите што ги трпиме.

Македонија придружувајќи се кон санкциите што ЕУ ѝ ги воведе на Русија поради војната во Украина, уште еднаш потврди дека во целост ја има усогласено надворешната политика со онаа на Унијата. Но, доколку сака да ја заштити економијата и животниот стандард на граѓаните ќе мора да се обрати до ЕУ и да побара да биде вклучена во делот на компензациите што земјите-членки на Унијата ќе ги добијат од европските фондови заради санкциите кон Русија.

ЕУ може да даде макрофинансиска поддршка за земјите во нејзиното непосредно опкружување за време на економска криза, така што и Македонија, како земја-кандидат, треба навреме да испрати конкретни побарувањата за помош од ЕУ за да не остане маргинализирана и уште повеќе задолжена.

(И.С.)