Европското фудбалско првенство за Македонија историско, само што не почнало, а подготовките за навивање во друштво се во полн ек. И додека размислувате со кого ќе го гледате првиот натпревар на македонската фудбалска репрезентација на ЕП, прво направете еден интересен тест. Прочитајте кои се петте најчести типови навивачи и проверете дали во нив препознавате некого од своето друштво. Ако сте искрени, може во некој од овие типови да се препознаете и себе си.

1.Познавач, ама напорен

Со свирежот на судијата за почеток на натпреварот, почнува и тој. Прво ќе ве запознае со историјатот на двете репрезентации, кои титули ги освоиле, кои им се најдобрите играчи, а често се сеќава и кој од нив колку жолти картони добил на најважните натпревари. Запомнете, ако само климате со главата и се правите дека не ве интересира, тоа сигурно нема да го замолчи „најдобриот познавач“ на фудбалските прилики. Тој ќе ви раскаже по нешто за секој играч на теренот, а нема да заборави да ги спомене и тренерите или судиите.

Ако во овој опис препознавате некого од вашето друштво единствен паметен совет е – обидете се да седнете што подалеку од овој тип на навивач, инаку после натпреварот ќе се чувствувате како да сте биле на час по историја.

2.Заразен фан

Сите имаме барем по еден другар кој пред важните натпревари на репрезентацијата, на кафе доаѓа во црвениот дрес, а во автомобилот одамна му висат навивачки реквизити. Сите во друштвото знаат дека тој ќе го организира заедничкото гледање на натпреварот и на тој настан никако не смеете да се појавите без навивачки реквизити. За време на натпреварот нема да ви биде дозволен разговор за ништо друго освен за фудбал, а кога тој ќе почне да ги пее навивачките песни, најдобро ви е да му се приклучите.

Иако ваквите типови навивачи понекогаш знаат да бидат напорни, мора да им се признае дека нивната еуфорија е заразна и тешко дека некој може да и одолее.

3.Сите му се виновни

Овој тип на навивач на сите им е добро познат. Тој најмногу ја сака својата репрезентација, селекторот, играчите и им дели комплименти за секој потег. Но, кога ситуацијата на терен ќе избега од контрола, неговото однесување драстично се менува. Судијата најчесто му е главен виновник за се, а на тренерот од пред екранот настојува да му објасни кој играч требало да го извади или кој да го пушти на терен. Тој го вперува прстот апсолутно во се и во секого на терен и сите се виновни за нешто.

На остатокот од друштвото пред екранот не им преостанува ништо друго освен да се сложат со него и да го поддржат во неговите забелешки. Во спортивно, може и вие самите да бидете виновни за лошиот резултат или за лошата игра на терен. И, ете причина фудбалското уживање да заврши со кавга.

4.Главен песимист

Гарант познавате некој кој мисли дека немаме шанси, но сеедно, доаѓа на дружба и на заедничкото гледање натпревари. Но, за жал, ваквиот навивач-песимист тешко може да го задржи своето мислење само за себе. Уште од првата минута почнува со коментари „ете знаев, не требаше тој да биде во првата постава, не е подготвен“ или „немаме шанси, не се во форма“. Дури и ако водиме со два гола разлика, тој не престанува да повторува дека тоа нема долго да трае, дека не сме добри во одбраната, дека наскоро ќе ни дадат гол, дека ќе биде катастрофа…

На неговиот песимизам едноставно, му нема крај и нема резултат што би го задоволил овој „мрчатор“ или би го натерал да каже нешто позитивно.

5.Дежурен гурман

Гледање натпревари без избилство од храна и од појалоци нема смисол – тоа е неговото мото! На дружбите за заедничко гледање на натпреварите тој доаѓа само поради тоа што е на маса и тој пред доаѓањето често знае да провери дали ќе има нешто за грицкање. Колку и да е неизвесен натпреварот, тој „без пардон“ ќе праша „Дали ова е последниот чипс?“ или „Сакате ли да донесам уште некое пиво?“. Неговото добро расположение не може да го расипе негативниот резултат на мечот, но тоа може да се случи ако слуачајно снема храна или пијалок.

Но, на крај сепак, фудбалот е за уживање, а тоа е поубаво во друштво, без разлика дали ќе слушате предавање, ќе грицкате, „ќе мрчите“ или ќе пеете, ќе навивате гласно.