Напаѓачот од Норвешка останува во медицински затвор

41
Норвешкиот суд нареди мажот кој призна дека убил пет лица со лак и стрела да биде во медицински затвор додека се поставуваат прашања за неговото ментално здравје.
Еспен Андерсен Братен, дански државјанин кој премина во исламот и е познат на полицијата, ќе биде во притвор четири недели, а во првите две ќе биде во целосна изолација, одлучи судијката Ен Микалсен.
Потребна е целосна психијатриска проценка, за која обвинителот рече дека може да потрае со месеци, за да се одлучи дали Братен може да одговара за своите постапки.
„Ова води до заклучок дека работите можеби не се како што треба“, рече неговиот адвокат Фредерик Нојман, зборувајќи за менталното здравје на Братен.
„Ова треба да се разјасни по целосна судска проценка“, додаде тој.
„Утврдување на мотивите“
Братен во петокот не беше присутен на суд.
„Нема сомнение дека се чини дека ова е терористички акт, но важно е истрагата да продолжи и да се утврдат мотивите на осомничениот“, рече шефот на норвешката разузнавачка служба, Ханс Сверре Сјоволд.
Братен, за кого полицијата претходно стравуваше дека е „радикализиран“, ги призна убиствата за време на распитот, објави полицијата.
Во нападот што се случи во средата вечерта, четири жени и еден маж беа убиени, додека три лица беа повредени.
„Ни кажа зошто го направи тоа, но во оваа фаза не можеме јавно да го кажеме тоа“, изјави обвинителката Ен Ирен Сване Матијасен за АФП.