Над 70 градинки се изградени или се градат низ државава

73

За две години на територијата на целата наша земја изградивме или е во тек изградбата и проектите за близу 70 градинки. Таква иницијатива за толку кус период не е забележано во историјата на државата, рече премиерот Зоран Заев на денешното предавање во употреба на новата градинка во село Муртино.

– Пред неполн месец министерката за труд и социјална работа Мила Царовска потпиша договори за грантови за изградба на нови градинки со пет општини во вкупен износ од 228,1 милион денари. Во новите градинки се отвора простор за 70 нови деца. За прв пат по подолго време во нашата држава ќе се градат големи објекти, бидејќи ја препознаваме клучната улога на предучилишното образование за раст и развој на децата – потенцираше премиерот Заев.

За министерката Царовска, важно е што како Влада инвестираат во раниот детски развој.

– Ги поттикнуваме општините да размислуваат за детската заштита како приоритетно прашање на локално ниво и тоа го правиме заедно со нив. Токму затоа, Општина Струмица може да се истакне дека навистина вложува. Тука, веќе во ова година, отворивме или се отвораат две градинки во населени места, а дополнително во градот се прошири капацитетот и за наредната година има инвестиција во локалните општини кои се во овој регион уште минимум три градинки – рече министерката Царовска.

Додаде дека досега се вложени многу финансиски средства, односно за три пати е зголемен националниот буџет и во изминатите две години се инвестирани 180 милиони денари, а за наредната година се издвоени 115 милиони денари само од буџетот, а дополнително има и посебна програма со Светска банка.

– Остануваме на оваа патека сè додека не го постигнеме оној индикатор што го поставивме како Влада, а тоа е 50 проценти од децата кои се во нашата држава помеѓу 3 и 6 години да бидат вклучени во предучилишно образование – подвлече Царовска.

Градинките во Муртино и во Куклиш се сместени во поранешните општински згради, кои целосно се адаптирани и опремени за прифаќање на 86 деца од предучилишна возраст.