Над 60 проценти од фирмите бараат работници, ама не такви какви што има на пазарот

Имате компании кои нудат плата до 30 илјади денари, но не можат да најдат кадар бидејќи работниците сметаат дека многу им е подобро да седат дома отколку да бараат работа, вели Наташа Јаневска од Стопанската комора

2055

На пазарот на труд се нуди високообразован кадар, главно од општествените науки, а на компаниите им се потребни тесари, ѕидари и луѓе со слични занимања. И покрај тоа што во државата невработеноста е сè уште голема и опфаќа 17,1 проценти од активното население, фирмите, велат во Стопанската комора на Македонија, не можат да најдат работници.

Тешкотиите со обезбедувањето на потребниот кадар ги поврзуваат со заминувањето на младите од државата, несоодветното образование со потребите, но и со незаинтересираноста на работоспособните да работа, дури и тогаш кога им се нуди голема плата.

– Од оние што бараат работа претежно се лица со професии од општествените науки кои не можат да најдат работа на пазарот на труд. Затоа се тежнее кон тоа да се направи нивна преквалификација и доквалификација за да може да се вклучат во работниот процес. Исто така тоа се лица со високообразовни квалификации кои не сакаат да работат со пониско ниво на квалификации, иако платите што се нудат во компаниите се повисоки. Имате компании кои нудат плата до 30 илјади денари, но не можат да најдат кадар бидејќи работниците сметаат дека многу им е подобро да седат дома, отколку да бараат работа, вели Наташа Јаневска од Стопанската комора.

Колку е голем расчекорот меѓу невработените и работодавците покажуваат анкети што ги спровеле Стопанската комора и Агенцијата за вработување, кои се преклопуваат во 90 проценти. Во анкетата на Комората 61 процент од фирмите изјавиле дека планираат нови вработувања во наредните 12 и 36 месеци, бидејќи им недостасува работна сила. Само 69 проценти се подготвени да вложат во обука на постојниот и новиот кадар.

Анкета на Агенцијата за вработување направена лани во фирми со седум и повеќе вработени, пак, покажала дека на компаниите им се најпотребни лица со завршено средно стручно (46,9%) и основно образование (35,4%). Од анектираните 3.023 фирми кадар со високо образование бараат 8,4 проценти, а со средно 9,32 отсто.

Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска вели дека од кадарот со високо образование најбарани се програмери, економисти, машински инженери, а од оние со средно образование технички оператори и машински техничари. Од стручните занимања се бараат текстилци, чевлари и слично, а со основно општи работници, работници на производна лента, хигиеничари на станбен и деловен простор.

Од Комората бараат промени на образовните програми, но задоволни се од она што е постигнато со владиниот Оперативен план за вработување, па очекуваат добри резултати и годинава, зашто, како што велат, при креирањето на мерките се земени предвид потребите на компаниите.

– Во 2019 година имаше успешна реализација на Оперативниот план со опфат на околу 9.000 невработени и над 96 проценти буџетска реализација, појаснува Јовановска.

(С.В.)