Над 3.000 посетители на половина од фестивалот „Денови на комедија“

209

„На половина од Меѓународниот фестивал ‘Денови на комедија’ Куманово можеме да кажеме дека сме презадоволни од посетата, од нашата публика, од изведбата на театарските претстави и од текот на самиот Фестивал. Досега имавме преку 3.000 посетители, и очекуваме тој број до крајот на фестивалот да се дуплира. ‘Денови на комедија’ Куманово, години наназад важи за Фестивал со најголема посетеност во државата“, вели Сашо Тодоровски, директор на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово.

Инаку, вечерва, во рамки на фестивалот, ќе се одигра претставата „Чекајќи го лекарот“ од Театар Лесковац, Србија, во сабота на репертоарот е претставата „Граѓанинот благородник“ на Театар Тетово, во недела гостува Драматичниот театар од Ловеч, Бугарија со претставата „Седумте стола“, а во вторник – Драмски театар Скопје со претставата „Кафез кај кокони“.

На 14 октомври фестивалот го затвора премиерата на претставата на Театар Куманово „Љубовна терапија“, а следниот ден, на 15 октомври ќе се доделат наградите, по што за публиката ќе се одигра и претставата „Обвинителка“ во која улогите ги толкуваат Лидија Вукиќевиќ (Србија), Магдалена Ризова-Черних, Сашо Ристовски и Бранко Атанасов.

Фестивалот „Денови на Комедија“ се отвори на 27 септември со претставата „Синиот портокал“ на Велешкиот театар.