Над 100.000 луѓе нема да можат да гласаат – се спрема ли власта за изборен инженеринг?

Техничкиот министер Тошковски отвори нова дилема

153

Над 100.000 македонски граѓани нема да можат да гласаат на изборите. Ова е бројката на полнолетни граѓани на Македонија, кои немаат лична карта, а пасошот им е со старото име на државата, соопшти во гостување на АлфаТВ техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски. Тој отвори дилема дека тоа можеби и претставува обид за можен изборен инженеринг, што, како што се вели во објавата на АлфаТВ е и повеќе од очекуван, со оглед на рејтингот на власта што секојдневно е во слободен пад.

-Минимум над 100.000 граѓани, кои имаат важечка, односно неважечка патна исправа, тоа значи патна исправа со старото име, а немаат со новото име, коешто има втиснат датум заклучно со денот на изборите кои заради овие 54-мина нема да може да го остварат своето право на глас. Срам да им е од прв до последен, особено на оние кои се правници, вели Тошковски. Министерот јавно упати прашање до пратениците од владејачкото мнозинство дали 54-те пратеници, кои не ги поддржаа законските измени за патни исправи, се вклучени во рамки на изборен инженеринг со којшто се дискриминираат граѓаните на кои оваа држава им издала важечка патна исправа, а сепак не можат да го остварат своето основно право на глас.

Тој, во емисијата направи паралела на Македонија со Северна Кореја, бидејќи според него можеби само во овие две држави граѓаните не можат да ја напуштат својата држава, бидејќи власта одлучила дека нивните пасоши кои можеби траат уште 5, 6 или 7 години, да ги прогласи за неважечки – а не успеа да испорача нови, со новото име на државата.

-Само ние и Северна Кореја ги заробуваме нашите граѓани со издадени патни исправи на територија на овие две држави. Што е навистина страшно и навистина не можам логички да си објаснам како оние 54 пратеници од редовите на СДСМ и ДУИ гласаа против, изјави Тошковски во интервју на АлфаТВ.

Дополнителен проблем што фрла дамка врз предизборниот процес, па според Тошковски несомнено води кон заклучок за евентуален изборен инженеринг од страна на СДСМ и ДУИ, е што се уште не е формиран оперативниот штаб за изборите, обврска на директорот на БЈБ Сашо Тасевски.

Вели дека повеќе пати го барал тоа од него, последен пат со назнака „веднаш“ на 27 февруари, но сè уште нема одговор. Минатиот пат, за време на предизборието пред претседателските избори, оперативниот штаб беше без проблем, навреме формиран. Зошто сега Тасевски тактизира, кога е јасно дека суштината на техничката влада е токму преку овој штаб, на терен, да обезбеди предуслови за мирни, фер и демократски избори.

-Да беше ова нормална Влада, директорот на веднаш побарано, наредниот ден немаше да биде веќе директор, зошто, пошто ќе предложев да го разрешат одма. Но, во рамки на техничката Влада, такво право немам, немам такво право. Но, заради тоа на моја страна е македонскиот народ, на моја страна се македонските граѓани, изјави Тошковски.

Инаку, во текот на февруари се презакажени 125 илјади термини, односно граѓани кои требале да се фотографираат во текот на летото, добиле порака дека нивниот термин ќе биде порано од првично предвидениот.