Менаџерот Бенито Перез Барбадиоло изјави дека  поранешниот светски тениски рекет број еден, Рафаел Надал, се подготвува за Олимпијадата во Париз.

Шпанецот имаше поразителен настап на Ролан Гарос, каде што беше елиминиран уште во првото коло, не само поради слабата форма туку и поради неповолната ждрепка, која го спои со Германецот Александар Зверев. Затоа Надал ќе се обиде да најде утеха на земјена подлога, на Игрите во Париз.

– Рафа тренира во својата академија во Манакор и се надева на медал – изјави Барбадиоло во интервју за „Убитенис“.

Менаџерот на поранешниот најдобар светски тенисер тврди дека нема проблеми околу физичката подготвеност, а како главен конкурент за златниот медал го гледа Новак Ѓоковиќ.

– Рафа нема никакви физички проблеми и затоа сите се надеваме дека ќе пристигне на Олимпијадата со доволно натпревари за да ја подобри формата. Тоа ќе биде посебен турнир за него бидејќи ќе игра дома. Стадионот „Шатрие“ е негов втор дом, конкуренцијата ќе биде жестока, Јаник Синер, Карлос Алкараз, но, пред сè, Новак Ѓоковиќ, кој никогаш не победил на Олимпијада. Рафа ќе биде подготвен – заврши Барбадиоло.