Швајцарецот Роџер Федерер е најголемиот тенисер на сите времиња, но сегашниот лидер на АТП листата Србинот Новак Ѓоковиќ останува посилен противник за Рафа Надал, откри поранешниот тренер на Шпанецот – Тони Надал.

Федерер, кој ќе наполни 39 години во август, има освоено рекордни 20 грен-слем титули, една повеќе од Надал, кој следниот месец ќе наполни 34 години. Ѓоковиќ, кој е најмладиот од тројцата, во петок ќе наполни 33 години и има 17 трофеи од „големата четворка“.

– За мене, Федерер е одличен тенисер. Јас сакам да го гледам. Ако не бев чичко или тренер на Рафаел, би сакал Федерер да победува на сите натпревари. Ми се допаѓа неговата игра. Тој е многу елегантен, но исто така и исклучително ефикасен. Федерер е најдобар на сите времиња, млаку по него може се Род Лејвер или Рафаел. Но, во моментот Федерер е најголем, рече Тони Надал.

Ѓоковиќ изгледаше непоразен на почетокот на оваа сезона, која беше суспендирана во март поради пандемијата од коронавирус. Тој го освои АТП Купот со Србија, потоа триумфираше по осми пат на Австралија опен, и ја крена титулата во Дубаи.

– За нас секогаш беше многу тешко да играме против Ѓоковиќ. И ова не е за тоа кој е подобар. За нас, кога игравме со Федерер, имавме идеја како да го победиме. Пред да заминеме на теренот знаевме што да правиме. Рафаел тоа го направи. Против Ѓоковиќ, сепак, многу пати немавме идеја што да очекуваме и како да се спротивставиме. За мене е покомплицирано. Затоа сакав да играме против Федерер, објасни Тони Надал.